Дали за проблемите со коцкањето е одговорен само тој што подлегнал на порокот или се виновни и оние кои на тоа го наведуваат?
На ова важно прашање одговор треба да даде интересниот „историски” судски процес кој трае во Мелбурн и каде како обвинети се најдоа казиното Краун и Аристократ производителот на покер – апарати. Пред Федералниот суд, прочуената адвокатска фирма „Морис Блекберн” ја застапува Шоник Гај која ги обвини овие две компании. Нејзината зависност од коцкање трае 14 години. Основата на тужбата е тврдењето дека покер -апаратите се направени на тој начин да кај играчите создаваат лажно чувство дека добиле и покрај тоа што губат. „Овој процес не се однесува само на мене, сакам да ги сопрам за да не им се случи истото и на други луѓе. Премногу долго слушаме дека ова е наша грешка и оти сме единствени кои треба да се обвинат за зависност од апаратите. Сакам овој процес да покаже дека апаратите ги заведуваат луѓето и оние кои ги произведуваат знаат оти тие создаваат зависност и направени се така да не уловат” – вели таа.
Исто така тврди дека симболите, вртењето на ваљакот на мониторите и другите содржини на апаратите „dolphin treasure”, на Аристократ создаваат привид за вистински шанси за добивка. За да ова го докаже, баристерот Питер Греј на судијата Деби Мортимер и покажал симулација од игра на ваков апарат, покажувајќи и различни линии, звуци и визуелниот дисплеј.
„Треба да им објасните – не знам апсолутно ништо за тоа како работат овие апарати” – рече судијата Мортимер. Адвокатот на судиката и кажа дека Краун и Аристократ работат спротивно на законите кои забрануваат измама и заведување на клиентите. „Како тие работат можеби не му е познато на Краун, но доволно е да има основно знаење за нив. Познато им е на кој начин овие апарати делуваат пред публиката. Аристократ е „редовно информиран за работата на апаратите ” и во ова се „заедно со Краун”” – рече баристерот.
Тој исто така за време на судењето тврдеше дека Краун на коцкарите им вели дека можат да очекуваат да им се вратат 87 одсто од влоговите, што исто така служи за измама. Според неговите зборови, бројките се направени врз основ на над 35 милиони обртаи во покер – апаратите и не ја прикажуваат играта на еден коцкар. „Многу е ризично и опасно за играчот да мисли дека тоа и не е така лошо, ако заврши со 87 одсто. Но, куќата на долги патеки секогаш добива. Тие 87 одсто кои му се враќаат на коцкарот се секогаш во многу теоретска смисла” – вели тој. Рон Меркел, кој исто така ја застапува Гај, во судницата кажа дека меѓу Краун и Аристократ постои „многу блиска соработка”. Тој вели дека од 2.600 покер – апарати поставени во казиното, над 1,000 се произведени и дизајнирани во Аристократ. Баристерот Нил Јанг, кој го застапува казиното, вели дека компанијата работи според прописите на Комисијата за коцка и алкохолни пијалоци, вклучувајќи ги и софтвер апаратите „dolphin treasure” и информациите за дисплејот пред играчот. Тој негираше за било какви блиски односи меѓу казиното и Аристократ, како и тоа оти нема пристап или „сознанија како работи апаратот”, како ни пристап до нивниот софтвер. Пред судот, извршниот директор на Здружението на технонологија на коцката, Рос Ферар, рече оти тие стојат зад „интегритетот на своите производи”, кои се направени според строгите прописи и се во согласност со националните стандарди. Судењето треба да трае три недели, а го следат и активисти против коцкањето, како и некои познати личности од светот на политиката и црквата кои се за построга регулатива на коцкањето.
Џенифер Канис, шеф на одделот за социјална правда во адвокатската канцеларија „Морис Блекберн” вели дека Гај не бара обештетување од производителите, туку сака да фрли ново светло на нивната пракса.
„Прво кога играте, тоа што го гледате не е тоа што го добивате. Вие гледате пет тркала како се вртат и мислите дека сите се со иста големина, но работата е во тоа што петтото тркало е многу поголемо од другите четири. Тоа драматично ги намалува шансите за добивка. Второ, изгледа како симболите да се рамномерно распоредени на тркалата. Но, всушност не се” – вели таа и додава дека апаратите се дизајнирани да даваат чувство дека добивате дури и кога губите пари. „Можеш да вложиш десет долари на едно вртење, и да ти се вратат два, но светлата и звуците околку тебе се како да си добил, иако си загубил осум долари”. Морис Блекберн, кој ова го прави про боно, вели дека намерата на процесот не е да се забранат покер – апаратите, туку на играчите да им се даде чесна слика за нивните шанси за добивка.
Според министерството за социјални служби, Австралијците на коцка во 2014/15 потрошиле над $19 милијарди, од кои $13 милијарди на покер – апарати. Секоја шеста личност која редовно игра има сериозен проблем со коцкањето.