МВР соопшти дека во оперативната акција „Којот” била „разбиена криминална група на подрачјето на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје”.
Организатори на криминалната група биле три лица од Велес, од кои еден заменикот командир на велешката полиција, а извршители биле и други полициски службеници од СВР Велес:
„Групата почнала да дејствува од почетокот на 2015 година на национално и меѓународно ниво. Вршеле кривични дела од областа на насилниот криминал, недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти и коруптивни кривични дела. Во вршење на криминалните активности на криминалната група учествувале и полициски службеници од СВР Велес. Полициските службеници контактите и дејствијата при вршење на кривичните дела ги извршувале и за време на работа и во врска со својата службена положба притоа истата ја злоупотребувале со цел на криминалната група да им овозможат информации и друга помош и логистика за успешно извршување на кривичните дела, меѓу што и обезбедување на полициска униформа за вршење на кривичните дела, а во неколку случаеви и активно учествувале во извршувањето.”
Групата вршела разни кривични дела, а според МВР „од страна на криминалната група е организиран транспорт на најмалку 559 мигранти”.
МВР соопшти дека досега се лишени од слобода 19 лица, а дека по неколку лица се уште се трага. Исто така, МВР соопшти дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за повеќе кривични дела.