Проектот кој опфаќа интернетска страница (www.kokino.mk), видеоспот, аудиоводич (во форма на мобилна апликација), заедно со поставување на нови информативни табли и заштитно оградување на теренот, ќе придонесат древната опсерваторија Кокино да стане светска атракција и македонски бренд.
Активностите се спроведуваат од страна на Националната установа музеј Куманово, во соработка со Локалната акциона група Абер 2015 и со поддршка од Проектот за експанзија на мали бизниси, финансиран од УСАИД и владата на Швајцарија.
“Локалитетот Кокино, кој е единствена појава на Балканот, но и реткост во Европа, американската вселенска агенција НАСА пред повеќе години го позиционираше на 4. место меѓу најстарите и највредните 15 праисториски опсерватории во светот. Кокино е и капитален проект на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура и ние континуирано вложуваме напори за соодветна заштита и промоција на ова непроценливо културно богатство на нашата земја”, истакнува министерката Елизабета Канческа-Милевска.
Со предвидените проекти Кокино во иднина ќе стане подостапно за сите посетители од земјава и од странство кои непречено ќе може и да се движат низ локалитетот и да се запознаат со уникатноста на оваа мегалитска опсерваторија.
“Во изминатиот период стручните екипи доста интензивно работеа на археолошките истражувања, но и на конзервацијата на пронајдените артефакти. Започнавме и со реализацијата на четиригодишниот проект “Кокино – македонски бренд” кој предвидува изградба на пристапна патека со назначен правец на движење за посетителите, поставување на заштитни огради, изработка на информативни материјали и изградба на Центар за посетители со сала, изложбен простор, сувенирница и ресторан, кој ќе биде опремен и со компјутерска опрема за обезбедување на локалитетот и евидентирање на посетителите”, објасни министерката.
Со помош на туроператорите додава министерката, ќе се создадат и услови за одржливост на локалитетот, а сите проектни активности ќе имаат и економски придобивки за Република Македонија.
Лела Крстевска, директор на Националната агенција за промоција и поддршка на туризмот во Р. Македонија истакна дека е најважно на глобално ниво да се мапира Македонија како единствена дестинација која нуди несекојдневни форми на туризам.
Mајкл Стиватер, пак, директор на канцеларијата за развој на УСАИД во Македонија додаде дека 10.000 до 20.000 луѓе го посетуваат Кокино секоја година и ова е добра линија за почеток, но многу може да се направи и да се зголеми бројот на посетители.
(“Вечер”)

Кокино чека на заштита од УНЕСКО
Со одлука на Владата на Република Македонија, локалитет Кокино е прогласен за културно наследство од особено значење.
“Донесена е и одлука оваа споменична целина да добие меѓународно признат статус, односно локалитетот кој досега се наоѓаше на тентативната листа на УНЕСКО, да се обидеме да го впишеме на листата на светско наследство на оваа престижна организација. Со добивањето на третманот на светско наследство, за Кокино ќе се обезбедат неопходни правни и други услови за негово натамошно зачувување, трајно ќе се задржат податоците што оваа значајна споменична целина ги носи во себе, но истовремено ќе се спречат и идни дејства кои може да предизвикаат исчезнување на сведоштвото за постоењето на праисториските култури на ова подрачје”, истакнува министерката Канческа-Милевска.