Минатава сабота во Шелдон Рецепција социјалното друштво “Демир Хисар” од Мелбурн приреди коктел во чест на посетата на градоначалникот од Демир Хисар, господинот Љупчо Блажевски.
Како и секогаш, така и овојпат домаќинка на приемот беше сопственичката на Шелдон, госпоѓа Лидија Нешковска која се потруди по старите обичаи со погача и вино да му посака добредојде на градоначалникот Блажевски. Тука беа и задолжителните брсјачки носии кои ги носеа младата Ангела и сениорката Весна. Добредојде му посакаа и претседателот на друштвото, Славчо Трајковски и почесниот претседател, Симо Цветановски.
На оваа убава средба на демирхисарци, конзулката Бети Коруновска, која и самата е од овој крај, го пофали друштвото дека во далечна Австралија ја одржува љубовта кон родниот крај, а градоначалникот Блажевски посака Македонците уште поуспешно да се инкорпорираат во секојдневниот живот на австралиското општество.
Демир Хисар и неговата општина ја сочинуваат селата: Бабино, Базерник, Бараково, Белче, Боиште, Брезово, Вардино, Велмевци, Вирово, Големо Илино, Граиште, Доленци, Единаковци, Жван, Железнец, Журче, Загориче, Зашле, Кочиште, Кутретино, Лесково, Мало Илино, Мренога, Ново Село, Обедник, Прибилци, Радово, Ракитница, Растојца, Света, Сладуево, Слепче, Слоештица, Смилево, Сопотница, Стругово, Суво Грло, Суводол, Утово и Церово.
Градоначалникот Блажевски во неделата ја заврши својата кратка посета на Австралија и се врати во Македонија.


