Во Друштвото на писатели на Македонија се одржа средба под наслов “Некаде ѕвони: Збогувања со Матеја Матевски”.
Стихови од неодамна починатиот поет Матевски читаа но и спомени за него споделија писателите: Благоја Иванов, Тања Урошевиќ, Раде Силјан, Делвина Крлуку, Владимир Мартиновски, Весна Мојсова-Чепишевска и Мишел Павловски.
За македонскиот лауреат, Академик Матеја Матевски, наш кандидат за Нобелова награда, кој зад себе остави грандиозно дело и беше посебна епоха и празник за литературата, писателите низ лирско и метафизичко доживување споделија спомени како трајна духовна прегратка за неодамна починатитот великан на поетското перо.
„Не само што тој работеше на поезијата, во која постигна големи успеси во нашата литература, туку беше и преведуваш од неколку јазици. Полиглот беше Матеја. Говореше албански, ги говореше јазиците ид Југославија, говореше француски и шпански”, рече писателот Благоја Иванов.
„Тој е еден од првите поети кој смело зачекори во модерниот поетски израз и со наредните 23 поетски книги го потврди својот редок поетски талент, својата ретка поетска дарба и еден лирски сензибилитет препознаен како врвна поетска вредност”, рече проф. д-р Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.
Писателите велат дека Матевски е космички поет кој што не создава случајни, туку нужни песни.
Издавањето на неговите книги и почестите што тој и неговата поезија ги добиваат насекаде во светот зборува за неговиот значаен влог и афирмација на модерната македонска поезија.