КОМАНДАНТ МАЛИШЕВА СВЕДОЧЕШЕ ЗА “ДИВА НАСЕЛБА”:
– Бевме предадени од луѓе од ДУИ и од власта. Пукав колку што можев. Или ќе те убијат или ќе пукаш за да се одбраниш, рече пред судот Мухамед Анди Красниќи, познат како командант Малишева од Косово, второобвинет во случајот кој беше сослушан како сведок на одбраната во случајот „Дива населба”.
Тој, како и Сами Укшини алијас командант Соколи, тврди дека дошле во Македонија во мировна мисија за да помогнат да се имплементира Охридскиот рамковен договор и дека целиот настан во Куманово бил политички монтиран.
Рече дека со уште 10-ина лица, меѓу кои и дел од обвинетите во судницата кои ги посочи со име и презиме, нелегално ја преминале границата на 6 мај, 2015 година, три дена пред пукањето во Дива населба. Во селото Белановце ги вооружиле со „калашникови” и им дале црни униформи.
Стигнале во Куманово на 9 мај во 1 часот утрото и се сместиле во празна куќа. Изутрина слушнале како еден од оние што чувале стража извикал: „Станувајте, нè нападнаа, опколени сме” и испукал два куршума во воздух.
Додаде дека во престрелката самиот тој бил ранет, тројца од неговата група биле убиени, а еден се самоубил.
Додека траело пукањето, Мирсад Ндрецај алијас Командант НАТО, еден од водачите на групата во Дива населба (кој беше убиен во пукањето), телефонски се обидел да го добие лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но тој не кренал слушалка најверојатно, како што рече Красниќи, зашто не му бил познат бројот.
Потоа Мирсад Ндрецај му пратил СМС-порака на Ахмети во која пишувало „Јави ми се затоа што те барам од местото на настанот во Куманово”.
По неколку минути, Ахмети му се јавил на Мирсад Ндрецај кој му рекол: „Претседателе, направете се што можете бидејќи сте во Влада. Прекинете го огнот. Може да загинат многу цивили, ако веќе не се и многу убиени”.
Првите зборови на Ахмети биле: „Ми се тресе цело тело”. Красниќи рече дека Ахмети се исплашил повеќе од нив. Ахмети рекол дека ќе се обиде да направи се што може. Според Красниќи, тоа што не прекинал огнот по разговорот со Ахмети покажувало колку вредел неговиот збор во Владата.
Красниќи рече дека можеби меѓу Ахмети и Ндрецај имало и други разговори, но дека тој го слушнал само овој.
Групата на командант Малишева се предала во 21 часот. Тој вели дека ако имале намера да извршат напади во Македонија, како што се вели во обвинението, ќе го стореле тоа и поинаку ќе се организирале и немало 40 луѓе да престојуваат во исто место одеднаш. Според него, настанот е целосно политички монтиран.
Анди Красниќи рече дека во 2001 година учествувал во конфликтот во Македонија. Вели тогаш дошол како доброволец за да помогне за националното албанско прашање и да не дозволи власта да ја погазува албанската нација. Тој за време на конфликтот бил во Танушевци и бил поставен за командант на баталјон од страна на генералниот штаб на ОНА. Тој се чувствувал многу горд за тоа што го направил во 2001 година. По расформирањето на ОНА, со Охридскиот рамковен договор се формирало Друштво на ветерани на ОНА во кое всушност биле сите членови на ОНА, околу 4.000 на број, меѓу кои, како што рече Красниќи, бил и Али Ахмети.
Неколку члена на ОНА се среќавале двапати годишно и постојано разговарале дека не е имплементиран Охридскиот рамковен договор и дека треба нешто да се преземе. Вели дека во Косово доаѓале лица од Македонија, вработени во МВР, пратеници, полицајци и луѓе од разни други институции и структури, кои ги информирале за состојбата на Албанците во Македонија.
Тој рече дека во 2015 година се сретнал со Мирсад Ндрецај кој му кажал на Красниќи дека по барање на Албанците од Македонија треба да одат во Куманово за да им помогнат, ама не кажа за што. Целта за нивното доаѓање во Македонија, вели Красниќи, била мировна, а не воена. Ндрецај му рекол дека потребно е само нивното присуство во Македонија и дека само јавно треба да објават соопштение со барање за имплементација на Охридскиот рамковен договор.
Дека се организираат да дојдат во Македонија, според Красниќи, знаеле Ејуп Алили, државен секретар за спроведување на Охридскиот рамковен договор и Садула Дураку, градоначалникот на Липково.