Комитите загубија во финалето но заминаа со кренати глави

ФИНАЛЕ НА ПРЕМИЕР ЛИГАТА НА НОВ ЈУЖЕН ВЕЛС

Бонириг – Рокдаел Илинден 1-0 (1-0)

Големото фудбалско финале на Премиер лигата на Нов Јужен Велс се играше пожртвувано и ќе остане како убаво искуство за Рокдаел Илинден, кој првпат играше за купот на лигата. Играта на двете екипи беше дефанзивна, а на крајот пресуди искуството. Бонириг дојде во водство  во 7 минута преку Роберт Уонус, кој во една турканица по изведениот корнер на одбиената топка најдобро се снајде и го постигна единствениот гол на средбата. Двете екипи имаа по некоја полушанса за гол но во моментот кога пред голот требаше да зе зададе удар  немаше простор или доволно умешност.

Второто полувреме беше во сличен стил како и првото, се одигра без многу шанси но со пожртвувана игра на двете екипи. Комитите беа предводени од фудбалската ѕвезда Џејсон Чулина,  син на тренерот Бранко Чулина, кој за жал не смееше да го води овој натпревар поради казната од минатата недела, кога му беше доделен црвен картон поради приговор.

Пред крајот на натпреварот Илинденци се обидоа да направат нешто повеќе, употребувајќи го ризично и голманот како дополнителен играч на теренот, но овојпат среќата им го сврте грбот.  Сепак, треба да сме горди на успехот што го постигнаа Комитите годинава и може да се рече во изминативе  шест години се фудбалски клуб за респект не само во нашата заедница туку се пофалени и од Фудбалскиот сојуз на Нов Јужен Велс. Успешната управа на Пол Ѓорески и Златко Аџиоски со нивните блиски соработници,  спонзори и навивачи,  секогаш беа со Комитите кога им  требаа. Тоа се докажа и на овој натпревар, кога сопственичката  на “Битола кетеринг”  Милева Димовска им приреди бесплатно ручек за верните навивачи. Тука беа и главните спонзори, рамо до рамо со Комитите и заедно тргнаа во големото финале да ги бодрат  фудбалерите на Рокдаел Илинден. Илинденци го загубија големото финале но по натпреварот излегоа со кренати глави, за се што направија во  сезоната 2013, која за управата и верните навивачи беше многу успешна.

С. Г.

Останати вести