Комитите со победата се близу до шампионската титула

Садерленд Шаркс – Рокдаел Илинден, продолжение   1-2   1-1  (0-0)

Фудбалска драма во полуфиналето на Премиер лигата на Нов Јужен Велс, во кое нашите Комити по 120 минути игра успеаја да ја победат силната екипа на Садерленд Шаркс. За потсетување, оваа фудбалска екипа беше на чело на табелата скоро целата сезона. Илинденци влегоа како фаворити во полуфиналето и во тоа успеаја иако се водеше вистинска  фудбалска драма на теренот. Македонскиот јунак на натпреварот Никола Танески успеа во два наврати да ја затресе мрежата на домашната екипа и со тоа ја елиминира  од понатамошното натпреварување за шапионатот на Премиер лигата на Нов Јужен Велс.

Почетокот на средбата и припадна на домашната екипа, која имаше неколку сериозни шанси за гол, но секогаш на голот на Илинденци беше сигурниот  Барецена,  кој во одлична форма бранеше на оваа средба. Во 44 минута Никола Танески ја погоди гредата на домашната екипа  и Садерленд Шаркс куртули пред самиот крај на првото полувреме.

Почетокот на второто полувреме повторно им припадна на домаќините и во  50 минута тие го постигнаа првиот гол. Тоа беше ладен туш за Комитите.  Илинденци по примениот гол тргнаа на се или ништо и започнаа со силни напади а на двапати Кардозо имаше одлични шанси но доцнеше за дел од секундата да ја затресе мрежата. Во 83 минута Комитите преку одличниот Танески изадначија на 1-1, па се отиде на продолжение од двапати по 15 минути. Продолжението беше со домиинација на Комитите, а во 110 минута повторно на сцена се појави младиот Никола Танески,  одлично се снајде пред голот и прецизно шутираше за 2 спрема 1. Се случи ерупција на  радост на трибините каде имаше повеќе од 1,000 навивачи на Комитите што го кренаа гласот.

Кој ќе биде противник на Рокдаел Илинден во следното коло за шампионската титула ќе се знае со победникот од средбата меѓу Сиднеј Јунајтед и Бониринг. Ќе објавиме во четврток, во новото издание на Австралиско Македонски Денес, кога ќе пишуваме попширно и за противникот на Комитите.

С. Горгиевски

Останати вести