Македонец – концерт-мајстор на Шпанскиот национален оркестар

Шпанскиот национален оркестар во Мадрид деновиве го назначи новиот концерт-мајстор, 32-годишниот виолинист Ѓорги Димчески. Овој млад виолинист од Македонија, кој повеќе години живее и работи во Шпанија, ги има допрено ѕвездите во буквалната смисла на зборот – настапил со славните диригенти Лорин Мазел, Зубин Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев и е специјален гостин на последното цеде на славниот оперски пејач Пласидо Доминго, под наслов Encanto del Mar.

Мехта го поканил Димчевски да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за Европската фестивалска турнеја и за турнејата во Јужна Америка, а оркестарот го предводел токму маестро Мехта. Во 2015 година е назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија. За местото концерт-мајстор во Шпанскиот национален оркестар секој заинтересиран испраќа документи, а членовите на оркестарот прават селекција кои кандидати да ги поканат. Тие што се поканети треба да отсвират два виолински концерта и најтешките сола од репертоарот на еден концерт-мајстор. На крајот сите членови на оркестарот гласаат и, нормално, тој со најголем број гласови го добива местото. Според Димчевски тоа што токму тој бил избран се должи на неговата подготовка, која траела повеќе месеци и на неговото искуство (бидејќи веќе десет години работи на таа позиција во Валенсија).

Семејството најзаслужно за успехот

Ѓорги Димчевски потекнува од музичко семејство. За тоа што станал еден од најпознатите македонски виолинисти во светот вели: – Пресудно е да имаш талент за вежбање и да ја сакаш музиката над се останато. Учителот е исто така пресуден, јас ја имам таа среќа во мојата фамилија има светски виолинист – чичко ми Благоја Димчевски, кој своето непроценливо знаење го споделува со мене од најрана возраст и е најзаслужен за моите успеси.

Останати вести