Петнаесет дена откако беше избрана, специјалната обвинителка Катица Јанева ги објави имињата на 14 обвинители кои таа предлага да работат со неа. Секој од предложените треба поединечно да помине на гласање во Советот на јавни обвинители.
– Станува збор за истакнати професионалци и стручни обвинители. Овој број на обвинители сметам дека е неопходен за успешно исполнување на обврските наспецијалното обвинителство со кое ќе раководам и упатувам апел до советот на обвинители што побрзо да ги назначи, изјави специјалната обвинителката Јанева.
На листата избрани специјални има седум мажи и седум жени. Најмногу се скопски обвинители, 8-мина, двајца од обвинителите се од Куманово, а по еден од Кочани, Тетово и Гостивар. Само една обвинителка е од Обвинителството за организиран криминал.
Засега Јанева останува во канцеларијата во Министерството за правда, се додека не се пронајде соодветен простор за целото Специјално обвинителство.
– Предметите ќе ги земеме и ќе ги работиме по изборот на обвинителите и откако ќе биде избрано и официјализирано седиштето на обвинителството, истакна Јанева.
Изборот како што тврди Јанева е направен според стручноста на обвинителите, иако многумина тврдат дека на списокот се нашле обвинители кои сами лобирале кај неа за да бидат назначени и да се соочат со предизвикот.
Од друга страна имало обвинители кои одбиле да станат дел од тимот.
До 15 октомври Јанева најави дека ќе бидат назначени и истражителите во случајот.
Незадоволство и сомнежи за дел од избраните обвинители
Списокот е комбинација од неколку искусни обвинители и поголем број на помлади обвинители со завршена Академија. Најпозната е Лиле Стефанова, која доаѓа од Обвинителството за организиран криминал, минатата недела таа го сослушуваше Слободан Богоевски за функционерското мито во Телеком. Стефанова била обвинител во случајот “Ликвидација”, каде поради притворот на Кежаровски македонското судство трпеше силна критика поради затворање на новинар-истражувач. Обвинителка била и за кражбите на Музејот Македонија, во случајот “Пајажина”, го обвинуваше Паско Кузман во “Фаланга”, како и Мирослав Шиповиќ во акцијата “Претседавач”. Потписот на Стефанова стои и на обвинителниот акт во случајот “Шпион”, првата афера за шпионажа во Македонија која влезе во судница
На листата на Јанева е и обвинителот Пеливанов, кој го водеше случајот против офтамологот Дејан Ставриќ.
Бундалевска е обвинителка која во моментот го води случајот за убиството на медициснка сестра на Детската клиника, а го водеше и процесот за тајванските кредити каде обвинет беше Васил Тупурковски.
Покрај Јанева од Тетово доаѓа Лејла Кадриу која во времето на Хазби Лика беше секретар во општина Тетово. Голем дел од обвинителите и порано соработувале со Јанева во работната група за подготовка на Закон за јавни обвинители и за правилникот за оценка на работата на обвинителите.
Сепак најголемиот дел од предлогот на специјалната обвинителка е непознат за јавноста.
Списокот на Јанева со имињата на обвинителите:
Артан Ајро, Скопје
Бурим Рустеми, Куманово
Гаврил Бубевски,Скопје
Дарко Јакимовски, Скопје
Елизабета Јосифоска, Гостивар
Лејла Кадриу, Тетово
Ленче Ристовска, Скопје
Лиле Стефанова, организиран криминал и корупција, Скопје
Љубомир Лапе, Крива Паланка
Марија Ѓорѓева, Скопје
Снежана Бундалеска, Скопје
Стефчо Донев, Кочани
Трајче Пеливанов, Скопје
Фатиме Фетаи, Скопје
Не се плашам, јас сум храбра
“Јас не се плашам, јас сум храбра”, одговори Јанева на новинарско прашање дали се плаши за својата безбедност и дали има телохранители. Крај неа десетина дена е само доделениот шофер за службеното возило.