Владата предупреди дека сите што биле на стадионот на Престон Македонија минатиот петок се во потенцијална опасност, а мнозинството навивачи секако се од македонската заедница.
Натпреварот за купот на ФФА помеѓу Оуклиг Канонс и Престон Македонија е одложен.
Во вторникот утрото беше објавено од власта на Викторија дека теренот на Престон Македонија во Резерво е оценет како место на изложување со коронавирус од Ниво 2. Потврден е случај на заразен човек со КОВИД-19 што присуствувал на последниот натпревар минатиот петок и тоа ги става присутните во опасност.
Секој поединец кој присуствувал на натпреварот од Националната премиер лига 3 на Викторија, помеѓу Престон Македонија и Витлси Ренџерс на B.T. Connor Reserve во петок, на 21 мај помеѓу 20:00 – 23:30 часот, мора веднаш да се тестира, далеку од другите членови на домаќинството, сè додека не добие негативен резултат.
Покрај тоа, и секој што присуствувал на Futsal Oz во Brunswick на 23 мај, помеѓу 9:00 – 10:00 часот, исто така мора веднаш да се тестира и да се изолира во својот дом, далеку од другите членови на домаќинството, сè додека не добие негативен резултат.
Оваа насока значи дека голем број играчи и официјални лица сега се во изолација и во очекување на резултати од тестовите, што го направи невозможно одигрувањето на натпреварот за купот на ФФА. Како резултат на ова Фудбалската федерација на Викторија натпреварот закажан за вторник, на 25 мај – го одложи. Сите оние што купиле карти за овој натпревар ќе се контактираат наскоро со дополнителни информации.
Од витално значење е сите клубови да се придржуваат до рамката за COVIDSafe јавни настани.
Владата на Викторија објави и нови ограничувања кои стапија на сила во Мелбурн: маските мора повторно да се носат во затворен простор, приватните собири се ограничени на пет лица, додека јавните ќе бидат ограничени на 30 лица. Ограничувањата ќе бидат во сила до 4 јуни.
Властите рекоа дека ова е „важна дополнителна мерка на претпазливост”, при што вршителот на должноста премиер на Викторија, Џејмс Мерлино, рече дека тоа им дава време да се истражат контактите.
Исклучително важно е македонската заедница да внимава и да се придржува до овие ограничувања, особено употребата на маски во затворени простории за лица на возраст од 12 години и постари. На средбата на Престон Македонија имаше голем број на посетители и посебно грижата е за оние што се над 60 години старост бидејќи искуството покажа дека тие се најранливи од коронавирусот.
