И ден-денес тврдат дека „Космос“ е срушен законски

Ќе беше огромна сензација доколку судот му го одземеше пасошот на Никола Груевски и со тоа да го “врзе“ да не може да мрдне никаде од земјата

ГРУЕВСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И ТРАЈКОВСКИ БЕА НА РАСПИТ ВО СУДОТ
Судот не прифати да им се одземат пасошите и да им се определи мерка домашен притвор или редовно пријавување

Екс-премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски во четвртокот се појавија на распит пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје за случајот “ТНТ”. Сите тројца се обвинети од страна на Специјалното обвинителство дека незаконски нарачале рушење на објектот „Космос”, во сопственост на бизнисменот Фиат Цаноски.
Истрагата против тројцата се активира откако претседателот Ѓорге Иванов ја укина колективната аболиција со која беа опфатени и тие. Претходно веќе беа сослушани другите обвинети во истиот случај – градежната инспекторка од општина Гази Баба, која е првоосомничена и уште три лица од Комисијата за јавни набавки на општината. Наредбата за уривање на објектот , како што тврди СЈО незаконски се реализирала преку општина Гази Баба, а причината била политичка одмазда бидејќи Фиат Цаноски, како претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ) ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски, Јанакиески и Трајковски цело време негираат дека постапувале незаконски.
СЈО бараше судот да им одреди мерки на претпазливост, на овие тројца да им се одземат патните исправи и да имаат обврска се јавуваат во Судот или да им се одреди мерка домашен притвор.
Судијата на претходна постапка го одби барањето како неосновано и одлучи да не определи мерки за претпазливост, се вели во соопштението на Основниот Суд Скопје 1.
Распитот во Кривичниот суд за секого од тројцата траеше по околу еден час. Потоа Груевски и Трајковски дадоа изјави и за медиумите, додека Јанакиески замина преку задниот излез. Екс-премиерот Груевски беше во придружба на својот адвокат и рече:
– Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата, па да ми се одземе пасошот. Не знам дали некој верува во тоа, но се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба. Но тоа ниту ќе го сторам, ниту е вистина, ниту ќе му ја исполнам неговата желба. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е дека изборите наближуваат и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира работите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во судот мене и моите соработници да не прикаже слични како него, рече Груевски.
Не се смета за виновен ниту градоначалникот Тони Трајковски:
– И јас како градоначалник и вработените во општина Гази Баба работевме законски. Нашата постапка беше потврдена и со 20 судски пресуди (од кои по 9 пред Управниот и пред Вишиот управен суд). Верувам дека ова е уште една можност да ја докажеме нашата законитост и да докажеме дека инвеститорот гопрекршил законот, затоа што треба еднаш да се стави крај на сите малверзации со градењето. Јас ќе потсетам декаинвеститорот не постапил согласно законот, тој имал за цел да направи поголема финансиска корист за себе, рече Трајковски пред судот.
Екс-министерот Јанакиески, за разлика од неговите сопартијци ги избегна медиумите и судот го напушти од задната страна.
Случајот „Космос” на двапати беше споменат во аудио снимките кои ги објави опозицискиот лидер Зоран Заев, односно во 5. и 13. „бомба”.
Во еден од разговорите се слуша како премиерот Груевски нарачува на местото да се изгради убав парк, а објектот вели дека најдобро е да се сруши во „фул-сезона” на годишни одмори. Подоцна и премиерот и екс министерот Јанакиески ги демантираа ваквите тврдење, образложувајќи дека за случајот „Космос” запазена е градежната процедура.
Образложението на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски пак, беше дека објектот се градел спротивно на законите односно дека отстапил од предвидениот проект за околу метар и половина.

Останати вести