Косовскиот парламент гласаше за формирање војска со 5 000 војници и покрај противењето на српското малцинство и острите реакции од Белград
Со три закони предложени од косовската Влада се зголемуваат овластувањата на лесно вооружените косовски сили за безбедност кон трансформација во војска. Според Владата, нема потреба од промена на Уставот за ваквата промена на законите. За нив гласаа 98 од 120 пратеници, додека 11 српски пратеници го бојкотираа гласањето. За неколку дена законите ќе се гласаат и во второ читање.
За Србија формирањето на војска на Косово е нелегитимен потег.
Според предлог-законите косовската војска би била составена од 5.000 активни војници и 3.000 резервни. Сегашните сили за безбедност на Косово се составени од 2.500 припадници, кои се обучувани од НАТО за случаи на кризни состојби, цивилна заштита и одржување на ред.
– Овие три закони имаат за цел да го заштитат територијалниот интегритет на Косово и да ги заштитат граѓаните на Косово од сите заедници, изјави пред гласањето премиерот Рамуш Харадинај.
Србите во Косово реагираа со остри забелешки и го бојкотираа гласањето велејќи дека за носење на овие закони за формирање национална војска е потребно да се смени уставот.
И НАТО ја предупреди Приштина да не го почнува процесот за формирање војска без потребните уставни измени, со кои ќе се поддржи српското малцинство.
Преку Твитер одлуката за формирање косовска армија ја поздрави албанскиот премиер Еди Рама. „Слава на мачениците на Косово и да биде благословена новородената војска на Република Косово” , напиша албанскиот премиер на Твитер.