Археолози од универзитетите во Саутхемптон и Оксфорд, во соработка со археолозите од Музејот во Куманово, го започнаа тронеделното истражување на локалитетот Костоперска Карпа во Младо Нагоричане.
Тие се вклучени во овој петгодишен проект врз основа на договорот што кумановскиот музеј го склучи минатата година со трите престижни универзитети од Велика Британија – Оксфорд, Саутхемптон и Единбург. Покрај Костоперска Карпа, ќе се истражуваат и локалитетите Визијанус и Градиште.
– Се надевам дека ќе направат голем број откритија, по што ќе следува сумирање на сознанијата. Ова се реализира во директна соработка на трите универзитети, но нашите проекти, неврзано со овој проект, се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија – рече Анита Цветановска, директор на НУ Музеј – Куманово.
Археологот Драгана Младеновиќ од Универзитетот од Саутхемптон изјави дека кога пред две години првпат ја посетиле Македонија и ја виделе областа, го увиделе потенцијалот на овој реон, а клучна, како што рече, била и поддршката на Кумановскиот музеј.
– Веќе третпат сум тука, првите два пати нè насочија на методите со кои треба да работиме, сега конкретно работиме на терен и многу сме задоволни како се одвиваат работите и особено од соработката со Музејот и со студентите од Скопје – рече Младеновиќ.
Археологот Име Јакобс од Универзитетот од Оксфорд објасни дека начинот на работата се состои во прегледот на архивата на Кумановскиот музеј за досега добиените резултати од истражувањата кои во неколку наврати се изведени на овие локалитети. Тоа ќе биде комбинирано со употреба на повеќе методи не геофизичко снимање на теренот.
(“Телеграф.мк”)
