Kога саудискиот крал Салман бин Абдулазиз ал Сауд го наследи починатиот крал Абдула, американскиот амбасадор го фалеше новиот владетел велејќи дека односите меѓу Вашингтон и Ријад ќе се зајакнат поради мудроста и храброста на новиот крал.
Една година подоцна, односите на пустинското кралство со САД се затегнати повеќе од кога и да било поради најавата на американскиот Kонгрес дека ќе го разгледа објавувањето на доверливите материјали од извештајот за нападите над САД на 11 септември 2001 година, кои би можеле да ја инкриминираат Саудиска Арабија како соучесник во нападите. Минатото на Салман е полно со поддршка за екстремизмот, која сега се занемарува поради политички интереси, а медиумите од регионот го поврзуваат и со финансирање на босанските екстремисти.
Поранешниот службеник на ЦИА, Брус Рајдел, истакна дека режимот на Салман е спонзор на муџахедините што се активни во Авганистан уште од 80-тите години од минатиот век и на босанските муслимани во текот на војната во 90-ите. Пред стапувањето на престолот, Салман служел како саудиски финансер на фундаменталистите на странските боишта. Kако гувернер на Ријад, Салман често бил задолжен за одржување на редот и мирот во кралската фамилија. Неговиот полубрат, кралот Халид, кој владееше од 1975 до 1982 година, се потпирал на него за остварување на фамилијарните интереси во текот на авганистанско-советскиот конфликт. Салман лично подигал донации за финансирање на муџахедините, пишува „Боснија тајмс”.
– Салман имал блиска соработка со кралското вахабистичко свештенство – пишува Рајдел.
Уште еден оперативец на ЦИА, кој бил стациониран во Пакистан кон крајот на 80-ите, проценува дека приватните саудиски донации кон крајот на 80-тите ја надминувале сумата од 20 милиони долари месечно. Освен тоа, како што пишува Рејчел Бронсон, Салман помагал во регрутирањето на борци за Абдул Расул Сајаф, салафист кој бил ментор и на Осама бин Ладен и на Халид Шеик Мухамед, организаторите на нападите од 11 септември. Истата улога Салман ја репризирал и во Босна во 1992 година, кога кралот Фад го назначил да управува со саудиската Висока комисија за помош на БиХ (СХЦ). Преку СХЦ, Салман собирал донации се до 2011 година, а до 2001 година организацијата собрала над 600 милиони долари, наводно за хуманитарна помош и религиски цели, меѓутоа многу извештаи посочуваат дека парите служат за купување оружје и покрај ембаргото од ОН. Во 2001 година силите на НАТО извршија рација на објектите на СХЦ во Сараево, каде што беше пронајдено складиште со терористички материјали: фотографии од пред и по нападот од 11 септември, инструкции како да се направат лажни легитимации на Стејт департментот и мапи на кои се обележани државните објекти во Вашингтон. Но, рацијата во Сараево не е ниту прв, ниту последен доказ дека работата на СХЦ излегува од рамките на хуманитарна помош. Во периодот меѓу 1992 и 1995 година, европските службеници го откриле патот на над 120 милиони долари донации на Салман на приватни банкарски сметки на СХЦ и Агенцијата за помош на третиот свет (ТВРА). Иако оваа организација тврдеше дека пружа хуманитарна помош, западните разузнавачки служби проценија дека ТВРА најголем дел од средствата ги потрошила на финансирање на вооружаните групи при босанската влада.
Дезертер од Ал каеда, кој беше повикан да сведочи пред ОН, наведе дека СХЦ и ТВРА активно давале помош на Ал каеда во Босна, вклучувајќи ја таканаречената „107-члена борбена единица”. Во изјавата во врска со нападите од 11 септември, тој истакна дека СХЦ внимателно учествувала во поддршката на Ал каеда во Босна, како и дека ТВРА ги финансирала и ги поддржувала на други начини борците на оваа терористичка група.
Врските на СХЦ со терористите веќе неколку години се под лупата на американските разузнавачки служби, а Американците ја обвинија СХЦ и за снабдување со оружје на Мохамед Фарих Адид, водичот на Ал каеда во Сомалија. Во најлош случај, Салман е тврдокорен екстремист, а во најдобар, тој е опортунист, пишува српски „Њузвик”. Бидејќи Западот поради сериозниот економски интерес не може да си дозволи раскинување на односите со Ријад, неопходно е барем да отвори дијалог за реформите кои ќе ги исклучат екстремистите од јавниот саудиски живот. За жал, Салман не изгледа како човек подготвен на такво нешто, пренесува порталот.