Освен што дели државјанства на Македонци со бугарска „самосвест” Софија доделува и „златни” но и пасоши за „посебни заслуги”. Бугарија имено не доделува државјанства само на Македонци, туку и на Руси, Египќани, Пакистанци и Јорданци.
Додека првите, за да добијат бугарски пасоши докажуваат дека имаат бугарски корени, вторите добиваат „златни” но и пасоши „за посебни заслуги”, на име инвестиции и придонеси во културата, образованието, музиката, спортот. Бугарските медиуми пишуваат дека продажбата на бугарските пасоши за инвестиции се покажала како „,плитка” шема за заработка на провизии бидејќи Европа знае дека со тоа, бугарските власти ги заобиколуваат европските правила.
За ваквите активности на Бугарија и се заканува кривична постапка од страна на Европската комисија, за што официјална Софија веќе била инфомирана, пишуваат бугарските медиуми.
– Нема инвестиции но „злобната” шема може да доведе до кривична постапка од страна на Европската комисија, за што властите во Софија веќе се предупредени. Многу од овие „инвеститори” ги продадоа хартитие од вредност откако ги добија своите пасоши. Им беше дадена можност да ги повлечат своите пари и да живеат во ЕУ со бугарски пасош, пишува бугарски„Медиапул”.
Наспроти загриженоста на медиумите од европските предупредувања, партиите на бугарскиот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ и на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, Обединети патриоти ја бранеле шемата со продажба на државјанство, тврдејќи дека Бугарија не треба да биде лишена од можноста да привлече значителни инвеститори.
– Одбивањето на бугарските власти да ја запрат продажбата на државјанство против хартии од вредност се чини дека е обид да им се овозможи на сите „шефови” да ги добијат ветените пасоши и преку нив да добијат пристап до целата Европска унија, пишува „Меидиапул”.
Бугарските власти веќе година ипол го одложуваат усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за бугарско државјантво. Според медиумот, односот на властите кон Законот предизвикува сериозни сомневања за корупција на највисоко ниво. Бугарија е една од трите земји во ЕУ што го продава своето државјанство, и покрај постојните повици од Европската комисија и Европскиот парламент да се стави крај на ваквата практика. Другите две земји се Малта и Кипар, против кои веќе е поведена кривична постапка за кршење на правото на ЕУ.
Европскиот парламент во моментов подготвува нов законодавен извештај за практиките на доделување државјанство во замена за инвестиции во ЕУ. Според истражувањата на новинарите, не бил мал ниту бројот на странци кои зеле државјанство и за „посебни заслуги” во областа на науката и културата, спортот, но и за заслуги за проширување на културните, економските и образовните врски помеѓу Бугарија и Кореја, за изградба и реставрација на историски споменици и црковни места во Бугарија, заслуги во областа на професионалниот превод од бугарски јазик, придонес во областа на бугарската популарна музика, пеење и опера како и придонес во филмата продукција.
Но, тамошните медиуми пишуваат дека било чудно што имињата на „заслужните” граѓани никогаш не биле објавени во јавноста. Пред две години операцијата во која беше уапсен шефот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев (близок до ВМРО), го насочи вниманието на јавноста кон корупцијата при давање државјанства.
Харалампиев беше одговорен за обезбедување на сертификати за бугарско потекло на лица кои бараат државјантво по оваа основа. Јавна тајна е дека Македонците за да добијат бугарски пасош освен што потврдуваат со документи дека имаат бугарско потекло за ваквата услуга плаќаат и од 800 до 1.000 евра.
Во последните десет години според официјалните податоци во Бугарија презентирани во парламентот, речиси 78.000 македонски државјани побарале да добијат бугарски пасош. Од нив 66.000 добиле бугарски пасош врз основа на своето бугарско потекло, рече неодамна министерката за правда Десислава Ахладова во бугарската Дума.
Од друга страна пак, македонските власти немаат податоци колку македонски граѓани поседуваат, освен македонско и бугарско државјанство. Според веќе објавени информации, МВР не води таква евиденција, бидејќи граѓаните немаат обврска да го пријавуваат, второто државјанство, во случајот – бугарското.
Директорот на Државниот завод за статитика на Македонија, Апостол Симовски за „Слободен печат” вели дека не само МВР туку ниту една друга институција во државата нема евиденција за тоа колку граѓани имаат бугарски пасоши.