Против тројца помошници обвинители на Катица Јанева покрената е кривична пријава поради “малтретирање и притисоци”, потврди Скопското државно обвинителство.
Истовремено и Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција објави дека по службена должност, по пријава на полицијата, покренало кривична пријава за “незаконско влијание врз сведоци” против еден вработен во МВР. Вработениот во МВР наводно имал чести контакти со тимот на Катица Јанева и Оливер Спасовски. Тој бил еден од оние кои во изминатиов период беа метеорски унапредени од Спасовски, а се обидел со пари да го подмити повиканото лице да биде сведок на Катица Јанева.
Како што објави порталот “Курир”, спротивно на законот, членови на тимот на Катица Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки, повикувајќи лица во ресторани или на паркинзи. На едно од повиканите лица, дури е нуден и поткуп за да даде исказ во согласност со насоките кои ги добиле од нивната претпоставено.
„Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане” – на ваков начин се обраќале обвинителите подредени на Катица Јанева кон лицата повикани на разговор, објави “Курир”.
Според порталот, надвор од секаква процедура пропишана со закон, крајно пристрасно и политички, овластените соработници на Катица Јанева во недостаток на докази вршеле брутални притисоци за да изнудат изјави и искази кои не кореспондираат со фактичката состојба.
Деновиве провладините медиуми пренесоа уште и дека Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и лидерот на СДСМ Зоран Заев имале средба надвор од Скопје и го договориле мастерпланот за одложување на изборите.
Истиот, според објавените информации требало да се реализира пред посетата на Хан и да кулминира со провокации, упади по домови и други незаконски дејствија. Како што се скусувале роковите дадени од Заев и како што растел притисокот кој лидерот на СДСМ во континуитет го вршел, од една страна, така се зголемувала и агресивноста на тимот на Катица Јанева од друга, бидејќи биле соочени со фактите дека ниту има предмети, ниту постојат аргументи за покренување на каква било постапка.
СЈО ДЕМАНТИРА:
Нашата мисија е правда и обезбедување еднаков третман на сите пред законот
Од Специјалното јавно обвинителство ги демантираа објавите дека во постапките по случаите на кои работат обвинителите од оваа институција било постапувано противзаконски.
“Ги демантираме во целост наводите објавени од страна на ‘Курир’ и други медиуми дека од страна на јавни обвинители од ова Јавно обвинителство било постапувано спротивно на законските одредби во преземањето на процесните дејствија, како и дека ваквите наводни активности се по налог на Катица Јанева. Ова Јавно обвинителство, иако беше изложено на неосновани напади и во претходниот период, покажа висок степен на толеранција спрема лицата кои изнесуваа невистини, навреди, клевети и се служеа со говор на омраза насочен кон обвинителството. Со оглед дека бројните апели од наша страна не дадоа резултат, а како е потребно да се заштити интегритетот и безбедноста на јавните обвинители и нивните семејства, ја известуваме јавноста дека во периодот што следи против одредени лица ќе бидат покренати соодветни граѓански постапки за клевета и навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување на кривично дело.
Апелираме до сите медиуми и поединци да се воздржат од произнесување на невистини за работењето на ова Јавно обвинителство и да се воздржат од негово етикетирање и ставање во функција на дневно политички цели. Потенцираме дека, како професионална институција нашиот единствен фокус е борбата против криминалот, а нашата мисија е спроведување на правдата и обезбедување еднаков третман на сите пред законот” стои во соопштението од СЈО.