Бараат Бадентер за крстот во Бутел, а за двоглавиот орел во Чаир нема потреба?!
51-метарски метален крст врз 4-метарско бетонско подножје ќе се постави во Општина Бутел. Крстот ќе стои во близина на пазарот во Бутел, веднаш до новоизградениот кружен тек. Оваа одлука ја донесе Советот на Општина Бутел, а изградбата веќе започна во саботата.
Иницијативата за поставување на крстот е на Светскиот македонски конгрес, кој до Општината поднел барање за одобрување локација за христијанскиот симбол. Крстот ќе стои во зеленилото кај крстосницата на улиците Боца Иванова и Александар Урдаревски.
Од Општина Бутел велат дека сите трошоци за изградба на крстот ќе ги намири Светскиот македонски конгрес.
– Општината нема да одвојува пари за крстот. Тој ќе биде целосна донација на Светскиот македонски конгрес, од каде што ќе биде доставено и идејно решение – велат од Општина Бутел.
Ова е втор крст кој во Скопје се поставува по иницијатива и донација на Светскиот македонски конгрес. Пред две години, крст беше поставен на булевар Србија, висок 51 метар. Со оглед на тоа што СМК нема свој буџет, и овој крст ќе се гради со донации а треба да биде завршен за 2 месеца.
