„Крушево – етноград” стана манифестација која со радост се очекува пред илинденските празници. За овие осум години, колку што се одржува туристичкото востание во Крушево, костимирањето на граѓаните додека трае „Крушево – етноград” се покажа како навистина примамлива атракција, која разбуди некои подзаспани амбиции.
Годинава, манифестацијата започна на 26 јули, а иако без многу најави и реклами, Крушево живее возбудливо.
– “Крушево – етноград” е многу повеќе од обична манифестација. Тоа е идеја и револуција, која успешно ги нанижа победите за анимација на граѓаните на Крушево, но и на туристите кои ги исполнија сите сместувачки капацитети. За овие осум години од идеја, слободно можеме да кажеме дека веќе стигнавме до успешна приказна. Крушево е веќе развиена туристичка дестинација – задоволно раскажува Ранко Петровиќ, во други денови на годината познат како Ранко Бубамара (сопственик на истоименото радио и организатор на “Златната бубамара на популарноста”), но додека е во Крушево, тој е војвода, идеолог, револуционер, велосипедист, најголем промотор на идејата, организатор и аниматор…
Заедно со костимирањето на стотина граѓани од Крушево, веќе успешно работат и хотелот „Монтана”, педесетина вили и дваесетина ресторани. Пред „Крушево – етноград”, бројот на ресторани во градот се броеја на прстите од едната рака… Сепак, тоа не беше доволно, па пред 3-4 години беше спроведена акција за велосипедизам и маунтбајк, која и понатаму се одржува. Во Крушево се одржуваат светски натпревари за параглајдерство и змејарство, подобрена е инфраструктурата, а редовни гости на „Крушево – Етноград” се фолклорни друштва од Германија и Шведска… Освен туризмот, од минатата година „туристичките востаници” рекоа стоп за сечењето на шумите…
Според градоначалникот на градот, Ѓорѓи Дамчески, манифестацијата „Крушево – етноград” стана бренд низ годините, препознатлив во земјата и надвор од неа.
– Ова е едно културно збиднување со кое сакаме да го доловиме духот на едно минато време од крајот на 19 и почетокот на 20 век, да го доловиме духот на занаетите и еснафот, мирисот на чаршијата. Истовремено да го презентираме целокупниот начин на живеење, културата, обичаите, облеката, модата, традицијата, сега во својство на една нова улога на збогатена туристичка понуда на градот – истакнува градоначалникот Дамчески.
(“Утрински весник”)
