Минатава сабота во Гранд Нерет рецепција се одржа игранката на КУД “Тоше Проески”. На неа зедоа учество и КУД “Јане Сандански” и КУД “Бисер” од Џилонг, додека специјален гостин беше литванската група The Lost Clog.
Прекрасна вечер во која сите се чувствуваа расположени, а преку целата вечер имаше богата програма во која сите групи, од возрасните до најмалите, уживаа во разноликоста на македонското кутурно наследство што толку грижливо се чува на најдалечниот континент.
За почеток сениорите на “Тоше Просеки” настапија со “Драчевка”, потоа следеа тинејџерите со “Егејски игри”, јуниорите со “Пајдушко”, и најмалите со “Црногорка”.
Следеа гостите од Литванија со музика и песни од нивниот крај. Гостите од “Бисер” од Џилонг одиграа сплет од на Мегдан и Пијанец, а КУД “Јане Сандански” кој дојде со повеќе групи со јуниорите го одигра “Стамена”, средната група го играше “Бувчанско”, и сениорите ги одиграа “Битолско” и „Посеље”. Бурни аплаузи доби изведбата на јуниорите на домаќинот со песната “Елено ќерко”.
Забавата траеше до доцна во ноќта со музика и песни од “Експрес бенд” и за сите вкусови имаше по нешто, од народно до забавно.
Посебна убавина на дружбата беше што Литванската група во својот настап ги вклучи и сите играорци што имаа желба да научат од народната игра на оваа нација.
Едно големо браво до управата на КУД “Тоше Проески” за извонредно организираниот настан.



