Македонија единствена балканска земја на Саемот
Македонија со богатото културно наследство е интересна дестинација, но и земја со која треба да се соработува и да се разменуваат искуства во сферата на археологијата и заштитата на културното наследство. Ова се коментарите на посетителите на Саемот за музеи и културно наследство, кој деновиве (18 и 19 мај) се одржа во Лондон, во престижниот изложбен простор на „Олимпија”.
Управата за заштита на културното наследство за првпат ја претстави Македонија во Лондон, презентирајќи ги најпознатите археолошки локалитети, средновековни цркви и други споменици, градови и природни богатства преку книгите од едицијата „Најзначајните вредности од областа на културното и природно наследство на Р. Македонија”. На Саемот за музеи и за културно наследство, кој има традиција од повеќе децении, можеа да се сретнат професионалци од областа на заштитата и користењето на културното наследство од цел свет. Главната цел е запознавање со културното наследство на земјите, размена на искуства, можност за соработка меѓу институциите и музеите, како и презентација на примената на новите технологии во начинот на презентација и користење на спомениците и на археолошките локалитети.
Оваа година имаше над 150 учесници на лондонскиот саем, како Швајцарија, Шведска, Шкотска, Ирска, Австрија, САД, Германија, Данска и други. Од балканските земји, Македонија беше единствена што зема учество на овој голем настан од културата.