Деновиве во издание на МЛД „Григор Прличев” од Сиднеј излезе од печат романот првенец под наслов „Курбан” од авторката Велика Џангаловска Гатсис која живее во Квинбијан, Нов Јужен Велс. Рецензент на романот е Александар Донски, а изработката на предната корица е на Бубе Донска.
Според рецензентот Донски романот „Курбан” од Велика Џангаловска Гатсис „претставува сериозен и мистичен омаж од повеќеслојни теми среде кои доминираат насилството врз жените и борбата за преживување на послабите”. Централен лик е малата четиринаесетгодишна Фикрие (Турчинка која живее со своето пошироко семејство во неурбанизирано подалечно скопско село), кај која, преку умешното водење на авторката Велика Џангаловска Гатсис, ја следиме трансформацијата од „наивно дете во решителна жена-борец против наследството и неправдите што ја окружуваат во нејзиното големо семејство во кое сè уште владее старата традиција да се малтретираат и тепаат жените, да ги мажат девојчињата против своја волја и сл.”.
Впрочем, стегите на ваквата традиција Фикрие и самата ги чувствува врз своите плеќи, кога татко ѝ соопштува дека, наместо да го продолжи школувањето во средно училиште, таа ќе мора да се мажи. Ваквиот неочекуван шок за малата Фикрие претставува иницијална каписла да почне да се бунтува против волјата на возрасните која не секогаш се совпаѓа со волјата на нивните деца.
Но зошто сето ова се случува? Зошто Фикрие сакаат да ја омажат за многу постар од неа (кој, згора на тоа, веќе бил верен со нејзината сестра Ајше, која починала од болест уште пред да се роди Фикрие)? И зошто на неговиот брат никој не му може ништо додека ги малтретира своите сопруга и сестра? Авторката Велика Џангаловска Гатсис мајсторски го води читателот низ фабулата која постепено ги открива одговорите на овие прашања, фабула, која почнува како наивна сторија, за потоа сè повеќе да се заплеткува добивајќи димензии на напнат трилер чиј крај тешко може да се предвиди. Ако кон ова се додадат и психолошки издржаните ликови, кои Велика Џангалоска Гатсис, како очигледно добар психолог, успешно ги оформила, тогаш неизбежна е оценката дека романот „Курбан” претставува одлична книга, интересна за читање, поучна и возбудлива, роман што секому го препорачуваме.
Инаку, авторката Велика Џангаловска Гатсис е родена на 14.12.1956 во стариот дел на Скопје, во тогашното т.н. „Ново маало”. Потекнува од сиромашно работничко семејство. Основно образование завршила во училиштето „11 Октомври”, а средно во хемиското училиште „Марија Кири Склодовска”, насока чиста хемија. На возраст од дваесет и седум години се преселува во Австралија каде и денес живее со своето семејство. Пишува проза и поезија и има добиено неколку награди. Активен член уште од основањето е на литературното друштво „Ванчо Николески” од Квинбиан и писателскот друштво „Григор Прличев” од Сиднеј.
Душан Ристевски
