Албин Курти е победникот на вонредните парламентарни избори на Косово. Тој во во интервју за германски “Франкфуртер алгемајне цајтунг” зборува за имиџот на Косово во светот, за корупцијата и љубовта кон албанското знаме. За политиката на 100% царини на досегашниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, вели дека не се залага за укинување на мерката, но дека повеќе му се допаѓа политиката на тотален реципроцитет.
– Србија, на пример, не ги признава нашите автомобилски таблички а ни производите на кои пишува дека се произведени на Косово. Што е апсурдно – па сè додека производите со нашата ознака за потекло не се продаваат во Србија, не треба ни на Косово да се продаваат производи со ознака за потекло од Србија. Како и да е, царините имаа еден добар спореден ефект, кој нема врска со економијата: тие придонесоа очајната идеја за размена на територии меѓу Србија и Косово да се тргне од масата, смета Курти.
По описот на Косово како „киднапирана држава” од „канџите на поранешните команданти на УЧК” – претседателот Хашим Тачи и поранешниот премиер Рамуш Харадинај, Курти вети дека ќе стави крај на киднапирањето.
– Државното обвинителство, полицијата, целосното правосудство и тајните служби, а и одделни компании, се вплеткани во ова киднапирање на државата. Јас сум спремен да го сузбијам организираниот криминал и корупцијата на врвот, а спремен сум и да ги разбијам монополите на олигарсите на Косово. За да успееме во тоа, потребна ни е помошта од меѓународната заедница, истакна тој.
Курти во 2010 година во партиската програма на Самоопределување напиша дека треба да се укине сегашното државно знаме на Косово и да се замени со националното знаме на Албанија.
– Јас бев вџашен што прашањето за изгледот на косовското знаме не беше предмет на референдум. Но од 2011, како претседател на надворешнополитичкиот комитет во парламентот, јас ова знаме на Косово го прифатив. Сепак, во нашето движење, ние сакаме да го задржиме и националното знаме на Албанците. Еден ден можеби треба да се почне дебата, но тоа навистина не е мојот приоритет. Сега, за почеток, мора да ја спасиме киднапираната држава, вели тој. За желбата на неговата партија за одржување на паралелни референдуми за обединување на Косово и Албанија, Курти кажа дека „јазикот, културата и историјата на Косово се албански, што значи дека сме една нација со две држави.
– Но, нема затоа да почнуваме уште една балканска војна. ние сакаме тоа да го оствариме мирно, демократски и на уставен начин.
Во ЕУ не може да се случи национално обединување на Албанците
Аљбин Курти вели дека во Европската унија не може да се случи национално обединување на Албанците, ама дека може да постои идејата за федерација.
– Не можам да кажам дека националното обединување се случува во ЕУ. Таму им се придружуваме на Данците, Австријците и на Шпанците. Тука мора да се случи нашиот сојуз. Би ја користел изјавата на Арбен Џафери: „Историско залагање на Албанците за обединување””, кажа Курти.
– Би додал дека Косово и Албанија треба да се приближат, да се интегрираат во единството на идејата за федерација, како Германија, со децентрализација на институциите. Би имале Институт за историја во Призрен, Универзитет за уметност во Пеќ, Факултет за рударство во Митровица, за Туризам во Валона или Драч, Уставен суд во Скадар, наброја Курти.