Квантас го заживува туризмот со „мистериозни летови“

Најголемата австралиска авиокомпанија „Квантас” најави враќање на „мистериозните летови” во обид да го заживее домашниот туризам.

Еднодневните патувања од овој тип, во кои патниците не знаат каде ќе завршат кога се качуваат во авионот, беа популарни во 90-тите години.
Авионската индустрија е сериозно погодена од пандемијата на коронавирус, при што многу земји ги затворија своите граници или забранија летови од одредени земји, додека повеќето луѓе започнаа да избегнуваат патувања и авиони, стравувајќи дека е полесно да се заразат во затворени простории.
Во обид да ја спасат индустријата, која веќе зависи од државната помош ширум светот, авиокомпаниите се свртија кон сè покреативните понуди со надеж дека ќе вратат барем дел од патниците со нивните летови.
Квантас беше меѓу првите што понуди „летови кон никаде”, во кои авионите ќе слетаа на истиот аеродром од каде што полетале, по нискиот лет над познатите австралиски знаменитости.
Авиокомпаниите собрани во Асоцијацијата на азиско-пацифички авиокомпании (ААПА) објавија бројки за јануари оваа недела, според кои тие имале само 4% патници во споредба со истиот период минатата година, кога 33,5 милиони патници летале низ регионот.
Тајланд ервејс објави дека ќе го намали бројот на вработени на половина, приближно 13.000 до 15.000 вработени остануваат без работа, а во кратењата треба да има голем број на менаџери и супервизори, како дел од радикалниот план за долгорочно закрепнување.
Од друга страна, од Квантас се надеваат дека со летовите кон никаде и мистериозните летови ќе можат да го надминат кризниот период и тие побараа од владата гаранции дека нема да има повеќе затворање на границите оваа година, со оглед на почетокот на кампањата за вакцинација. Мистериозните летови на „Квантас” се вршат со „Боинг 737″ од Бризбен, Мелбурн или Сиднеј, а цената на билетот е $737 за економска класа и $1,579 за бизнис класа.

Останати вести