Жоан Лапорта е избран за нов претседател на Барселона откако со огромна предност победи пред Виктор Фонт и Тони Фреиша, добивајќи ја довербата од најблиските луѓе во клубот кои веруваат дека најуспешниот претседател во историјата ќе може да ја врати каталонската гордост на вистинскиот пат.
Лапорта беше на чело на Барса во периодот 2003-2010.
Лионел Меси како капитен на првиот тим за првпат беше дел од едни избори и го искористи својот глас. Ова беше протолкувано како порака дека со Лапорта на чело Аргентинецот ќе остане во каталонскиот клуб.
– Беше навистина убаво да се види тоа што Меси излезе да гласа. Тоа е доказ дека ја сака Барселона. Не знам зошто, но убеден сум дека сака да остане. Ќе ви откријам дека тој веќе ми честиташе за победата на изборите, но за мене тоа е нормално. Набрзо ќе имаме мирен разговор за неговата иднина. Покрај Меси, од играчите ми честитаа Пике и Жорди Алба, откри Лапорта.
Тој во предизборната кампања најави дека освен што ќе го задржи Лионел Меси во клубот и ќе го врати загубениот сјај на Барселона, но и не само тоа, туку и дека ќе донесе некои големи засилувања.
Шпанските медиуми веќе објавија кои играчи планира да ги доведе по завршувањето на сезоната и, ако успее, тоа ќе биде навистина пеколен тим.
Како што пренесува „Марка”, Лапорта сака со помош на Лионел Меси да го доведе Серхио Агуеро, на кого му истекува договорот со Манчестер сити.
Втората цел е Давид Алаба, уште еден играч кој ќе биде слободен на крајот од сезоната. За Алаба се борат сите великани во Европа, а Барса заедно со Реал се смета за еден од најголемите фаворити за неговото доведување.
Исто така, бидејќи тие играчи би дошле бесплатно, се верува дека Барселона ќе има одредени парични средства за барем едно звучно засилување и наводно мета ќе биде фантастичниот Ерлинг Халанд, кој исто така е желба и на Реал, па ќе гледаме разни битки меѓу двата шпански великани, односно меѓу старите познаници Флорентино Перез и Жоан Лапорта.
На ова треба да се додаде дека веќе е договорен трансферот на Ерик Гарсија од Манчестер сити, а исто така ќе биде доведен и еден играч во средниот ред. Желба на Куман е Џорџинио Вајналдум на кого му истекува договорот со Ливерпул, па останува да се види дали на „Камп Ноу” ќе пристигне уште еден Холанѓанец.