Со македонско-хрватско-бугарско-француската копродукција „Лазар”, во режија на Светозар Ристовски, на 18 септември ќе се отвори 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” во Битола.
Директорот на фотографија на „Лазар”, Дејан Димески, истакна дека „филмот раскажува егзистенцијална приказна за едно семејство, но во неговата заднина, третира една сега многу актуелна тема, темата со тешкиот живот на бегалците”. Улогите во филмот, што на фестивалот ќе ја има својата светска премиера, ги толкуваат: Ведран Живолиќ како Лазар, Дејан Лилиќ, Наташа Петровиќ, Горан Невојец и Владо Јовановски. Директорот на фестивалот, Димитар Николов, соопштувајќи ги имињата на двајцата добитници на специјалната награда „Камера 300″ за особен придонес во филмската уметност за оваа година – легендата на европскиот филм Бруно Ганц и рускиот актер Алексеј Серебрјаков – истакна дека „двајцата добитници ја делат истата професија, припаѓаат на различни генерации, на различни географски и творечки простори, но секој од нив е актерска пројава пред која публиката се поклонува, бидејќи во секоја наредна улога се надминуваат себеси”. Оваа награда актерот со швајцарско потекло Бруно Ганц ја добива бидејќи е еден од тие актери кои освојуваат со својата едноставна енергија во креирањето, со споредните и навидум невидливи, но и со најкомплексните филмски улоги: како ангелот Дамиел во филмот „Небото над Берлин” на Вендерс, како Адолф Хитлер во филмот „Хитлер, последните денови”, како професорот Рол во „Читачот”, како и улогите во италијанската комедија „Леб и лалиња” на Солдини, во драмата „Младост без младост” на Копола…итн. Оваа година за наградите „Златна камера 300″ во официјалната конкуренција ќе се натпреваруваат 13 играни филма и тоа: „Сикарио” (Вилнев/Дикенс), „600 милји” (Рипштајн/Маркоен), „Убиец” (Ху Хсиао-Хсиен/ Ли Пинг Бинг), „Црни души” (Мунѕи/ Радовиќ), „Магбет” (Курцел/Аркапо), „Синот на Саул” (Немеш/Маќаш), „Викторија” (Шипер/Гровлен), „Тимбукту” (Сисако/Ел Фани), „Нашата мала сестра” (Хироказу/Микија), „Нахид” (Панахандех/Геиди), „Белите ноќи на поштарот” (Кончаловски/Симонов), „Мојата мајка” (Морети/Катинари) и „Земја и сенка” (Гусман).