Две студентки од Македонија, кои сакале да минат продолжен викенд за 8 март во Истанбул, наместо релаксирачко тридневно патување доживеале хорор-искуство. Платиле по 230 евра од човек за повратна авионска карта Скопје – Истанбул – Скопје и за три ноќевања во хотел во градот. Но, наместо тоа што им било ветено, добиле само авионска карта во еден правец.
Сè почнало откако одлучиле да платат аранжман преку „Одмори се”, бидејќи само тие имале слободни аранжмани за еден од најбукираните викенди во туристичките агенции. Комуникацијата ја воделе со извесен Влатко Трајковски, кој на телефонскиот повик се претставил како вработен во Друштвото за туризам и услуги „Одмори се травел” ДООЕЛ.
Тој им рекол дека во цената е вклучена повратна авионска карта со авиокомпанијата „Пегасус” и платени три ноќевања во хотелот „Алепх” во Истанбул. Трајковски им побарал парите да ги уплатат на жиро-сметка на “Одмори” со назнака „патување во Истанбул”, што тие го сториле. Но тој не им дал никаков потпишан договор во врска со патувањето.
Како што раскажуваат двете студентки за скопски “Независен весник”, сомнежите почнале уште на скопскиот аеродром. Имено, при чекирањето им било кажано дека немаат платено за дополнителен багаж, па морале на самото место да доплатат дополнителни 20 евра.
– Мислевме дека е техничка грешка и дека е возможно да се случи. Го контактиравме Влатко, а тој тврдеше дека е невозможно да не е платено бидејќи за дополнителниот багаж му плативме една недела пред патувањето. Сепак, се сложивме пак да платиме бидејќи тој ни вети оти тие пари ќе ни ги врати – раскажува едната студентка.
Следниот шок следувал при пристигнувањето во споменатиот хотел, кога рецепционерот ги прашал: „Ќе платите во кеш или со картичка?” и им покажал дека за нив има само резервација, но не е платено сместување. Тогаш, Влатко, телефонски повторно им тврдел дека е грешка и дека парите се префрлени на хотелот и дека веројатно утрината проблемот ќе биде решен.
Следното утро менаџментот на хотелот љубезно ги замолил да си платат бидејќи пари на сметка на хотелот не стигнале.
– Плативме вкупно 70 евра за трите вечери. Повторно се обидувавме да стапиме во контакт со Влатко, но тој повеќе не беше достапен – велат соговорничките.
Поминувајќи ги следните два дена многу поштедливо, бидејќи буџетот планиран за џепарлак им се намалувал, одвај дочекале да дојде понеделник за да се вратат во Скопје. Но тука го доживеале последниот шок, кој бил најстресен.
– Стигнавме на аеродромот „Субиха” и веднаш се упативме кон шалтерите за чекирање. Во нас ги имавме испечатените билети за назад, кои Влатко ни ги достави. Но девојката на шалтерот ни рече дека се фалсификат бидејќи нашите имиња ги нема во системот на резервирани и платени билети кон Скопје – вознемирено раскажува едната девојка.
Повторно ѕвонеле кај Влатко и повторно бил недостапен. Прашале кога е следниот лет за Скопје и колку ќе ги чини картата, но следниот лет бил за три дена, а цената на картите чинела 450 евра. Во паника дека се оставени на милост и немилост во милионски град, чиј јазик не го зборуваат, а и локалното население со тешкотија зборува англиски, се обиделе да најдат превоз до автобуската станица.
– Таксистите не нè разбираа дека сакаме да нè однесат до автобуска, за да видиме дали ќе најдеме автобус до Скопје. Тогаш, му се јавивме на пријател кој го зборува турскиот јазик и тој телефонски му кажа на едниот таксист каде треба да нè однесе. Имавме среќа кога стигнавме на автобуската, имаше слободни места во автобус од косовска компанија и купивме карти со последните пари. Иако нивната рута беше малку поинаква, сепак шоферот кога нè виде исплашени одлучи да нè донесе до Скопје до главната автобуска станица – раскажува едната девојка за “Независен”.
Според изјавата на сопственикот на агенцијата “одмори се”, Ненад Марковски, оваа фирма е во стечај и не организира патувања веќе пред 7-8 месеци. За лажниот аранжман упатил да се изјасни тој што го продал, односно извесниот Влатко Трајковски кој воопшто не е достапен. Нема информација кој е тоа, иако парите на студентките биле уплатени на сметка на агенција со сличен назив – “Одмори”.
Агенцијата „Одмори се” во стан на судијка
На иста адреса во стан во скопска Кисела Вода се регистрирани две туристички агенции со сличнен назив: „Одмори се” и „Одмори”.
Сметката на првата фирма „Одмори се”, чиј основач и сопственик е Ненад Марковски, е блокирана, иако оваа агенција сè уште поседува лиценца од А-категорија за вршење туристичка дејност, која е издадена од Министерството за економија. Марковски тврди дека оваа фирма има започнато постапка за стечај. Втората фирма, „Одмори”, чиј основач и управител е сестрата Тања Марковска, воопшто не побарала и нема лиценца. Сепак, парите за аранжманот во Истанбул, во кој студентките добија само билет во еден правец, легнале на сметката на оваа фирма.
Двете форми “Одмори се” и “Одмори” се регистрирани со седиште на иста адреса – во стан во Кисела Вода.
Преку јавно достапните информации од Катастарот се доаѓа и до податок дека сопственик на станот во Кисела Вода е Надица Марковска, мајка на Тања и Ненад Марковски.
Надица Марковска, пак, е судија во Основниот суд во Кратово но овој стан не и е пријавен во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. Како избран функционер Марковска поднела анкетен лист до Антикорупциската комисија во 2003 година, откако била назначена за претседател на Основниот суд во Кратово на 12 декември 2002 година. Тогаш не го поседувала овој стан во Кисела Вода.
Самата таа вели дека станот не го пријавила зашто го купила подоцна.
– Тој стан е купен на кредит и сè уште не е исплатен, затоа и не е пријавен – рекла Марковска во телефонски разговор, иако законски морала да го пријави без разлика што го исплаќа кредитот.
Таа негира дека има некаква поврзаност во туристичките агенции.