Капитенот на тимот Нипес 12, на течен македонски јазик вели дека негови идоли се Томас Милер, Лионел Меси и Лукас Подолски и дека сонува, кога сериозно ќе заигра, да им биде наследник.
Во германскиот град Келн, веќе две и пол децении живее семејството Лекоски, кое до скоро не се разликуваше од другите гастајбартерски семејства, но талентот на најмладиот член Леон веќе ги издвои во посебно интересни.
Станува збор за десетгодишно момче, родено во Германија, кое веќе го нарекуваат виртуоз со фудбалската топка, а мината година беше прогласен за најдобар фудбалер до 12 година во покраината Западна Рајна Вестфалија.
Леон Лекоски од лани е и капитен на ФК Нипес 12, а игра на позицијата центарфор. Во сезоната 2015/16 речиси да немаше натпревар во регионалната пионерска лига и на неколкуте сојузни турнири, а тој да не постигнуваше најмалку по еден погодок. Сега неговата соба во семејната куќа во Келн ја краси “Златната топка” за фудбалери до 12 години.
Капитенот на Нипес 12, на течен македонски јазик вели дека негови идоли се Томас Милер, Лионел Меси и Лукас Подоски и дека сонува, кога сериозно ќе заигра, да им биде наследник.
Решен сум сериозно да тренирам и да ги почитувам инструкциите на тренерите. Дури и на лето, кога доаѓаме во Охрид на спортскиот центар Билјанини извори тренирам по два пати дневно, а само во недела одмарам од фудбалот, изјави Леон.
Љубовта кон фудбалот му ја всадил таткото Оливер, кој најчесто е присутен на секој тренинг и на секој натпревар.
Се разбира дека ќе го поддржувам Леон кога е во прашање фудбалската игра, но ќе се грижам и да не се запостави училиштето. Кога ќе созрее, сам ќе одлучи што ќе прави, иако мислам дека тој првенствено ќе се занимава со фудбал, бидејки овдешните стручњаци го сметааат за несекојдневен талент, со можност за блескава иднина, вели таткото Оливер.
Леон Лекоски тренира со познатиот стручњак Хелмут Доргмаген, кој како голман се прослави настапувајки за неколку бундеслигаши.
Големиот талент кој во сегашниот клуб го има “резервирано” дресот со број 10 се надева дека по 5-6 години ќе го носи истиот број на дресот во младинската репрезентација на Македонија, а се надева дека ќе има квалитет што ке му овозможат да биде дел и од сениорската репрезентација на Македонија.