Петта изложба на Летните олимписки игри

„Малиот битолски Монмартр” ќе учествува на летната олимпијада во Рио де Жанеиро во Бразил. Ова ќе биде петто гостување на светски познатата детска ликовна колонија од Битола на летни олимписки игри.

Со детски цртежи посветени на олимписките игри почнаа да ја украсуваат Олимпијадата од 2000 година во Сиднеј, а потоа следуваа изложбите на летните олимписки игри во Атина 2004 година, Пекинг 2008, па Лондон 2012.
Ликовните активности во битолското детско ликовно студио „Свети Kирил и Методиј” годинава ќе бидат во знак на гостувањето на Олимпијадата во Бразил. Студиото имаше објавено ликовен конкурс „Олимпијадата во очите на децата – Рио 2016″. Од повеќе држави во светот веќе им пристигнуваат прекрасни детски цртежи од кои некои ќе бидат изложени во Рио де Жанеиро во Бразил во август годинава.
– За нас, нема поголемо признание за успехот во нашата работа од поканата на Олимпискиот комитет во Лозана повторно со изложба да учествуваме на Летните олимписки игри. Досегашните искуства беа одлични. На олимпијадите добиваме голем простор и носевме по 500 детски цртежи. Гостите беа воодушевени од детската инспирација и креативност – рече Kоста Хаџи Антоновски, основач на детското ликовно студио „Св. Kирил и Методиј” во Битола.
Годинава цртежи за Олимпијадата ќе се творат и за време на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр”, што ќе се отвори на 23 мај во Битола.
– Годинава се одржува 35-то издание на манифестацијата и очекуваме стотина млади ликовни амбасадори од најмалку дваесет земји кои ќе творат во мај во Битола. Последниот ден од колонијата ќе се организира ликовен хепенинг посветен на Олимпијадата. Ќе се одржи на отворено, се очекува да присуствуваат и гости од Олимпискиот комитет. Децата ќе творат, а најдобрите цртежи што ќе ги избереме ќе бидат изложени во Бразил – додава Хаџи Антоновски.

Останати вести