Лидерите на Северна и на Јужна Кореја прогласија крај на воената состојба на Полуостровот

Северна и Јужна Кореја потпишаа договор во одбранбениот сектор и излегоа со заедничка изјава по резултатите на самитот во Пјонгјанг. Јјужнокорејскиот претседател, Мун Џае-ин, и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, всушност прогласија крај на воената состојба, соопшти портпаролот на јужнокорејскиот претседател.

„Лидерите на Северна и на Јужна Кореја всушност прогласија крај на воената состојба на Корејскиот Полуостров со нивните договори”, рече портпаролот.
Лидерите потпишаа заеднички договор по самитот во Пјонгјанг. Договор за воена соработка беше потпишан од министерот за одбрана на Јужна Кореја, Сонг Јанг-мо, и севернокорејскиот министер за одбрана, Но Кванг-чол, во присуство на лидерите на двете држави.
Според заедничката изјава на лидерите, Северна Кореја одлучила целосно да го деактивира полигонот за тестирање на ракетите во Тончкан-ни и ќе им дозволи на меѓународните набљудувачи да ја посетат областа. Во соопштението се вели и дека Северна Кореја ќе го демонтира својот нуклеарен реактор во Јонбион, во рамките на договорите потпишани со САД.
Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател посочи дека Сеул и Пјонгјанг се согласиле да ја отстранат заканата од војна на Корејскиот Полуостров. Во заедничката изјава се вели и дека работите за поврзување на патиштата и железниците меѓу двете земји ќе почнат пред крајот на годината.
Сеул и Пјонгјанг, исто така, се согласија да испратат заеднички тим на Олимписките игри во 2020а година, како и да поднесат заедничка апликација да бидат домаќини на Игрите во 2032 година.

Останати вести