Во сабота, на 21 мај, под мотото „Со љубов кон македонскиот јазик” и во чест на Денот на македонските просветители и учители Св. Кирил и Методиј, Македонското литературно друштво “Кочо Рацин”, Мелбурн, организира Саем на книгата во просториите на библиотеката во Thomastown.
На оваа културна средба ги забележавме и Стево Козмевски, градоначалникот на општина Витлси и општинската советничка Мери Лалиос. Нашиот градоначалник за оваа пригода на македонски јазик им се обрати на присутните давајќи сесрдна поддршка за зачувување на македонскиот јазик. На тоа се приклучи и Мери Лалиос која е родена во Австралија, а нејзините родители се од Леринско, употребувајќи неколку македонски зборови (малкумина знаат дека благодарение на нејзината помош во библиотеката во Мил Парк пред пет години беше отворено македонско катче).
Пригодно одбележувајќи го денот на просветителите Св. Кирил и Методиј членовите на литературното друштво се претставија со поезија и проза на книгите од: Кочо Крушорати, Нове Младеновски, Крсте Наумовски – Мечкар, Љубица Поповска. Тука беа и читањата на Гордана Димовска, Виолета Јовановска, Стево Ацевски, Вера Георгиевска, Ацо Талевски и симпатичната и млада Шана Јовановска.
Специјален гостин кој допатува од Канбера беше Доне Димов, евоцирајќи сеќавања на егзодусот на децата бегалци од Беломорска Македонија.
После официјалниот дел имаше и изложба на книги од членовите но и од други македонски автори во Австралија и Македонија и можност за зачленување во литературното друштво “Кочо Рацин”.
Како изненадување беше што на овој настан имавме и емигрант од Измир, град со 3 милиони жители во Турција, чие потекло е од Македонија. И тој се обиде на македонски јазик да каже неколку мисли, притоа објаснувајќи дека во изминативе години го учи повторно јазикот кој го зборувале неговите родители дома.










