Во ек кога светскиот фудбал жестоко е потресен од најавата за отцепување на великаните и богаташи и формирање на приватната Суперлига, првиот човек на шпанската Ла Лига јавно со прст ги посочи виновниците кои ќе го уништат комплетно фудбалот – Ливерпул, Манчестер јунајтед и Реал Мадрид.
Според Тебас, двата најтрофејни англиски клубови, чии газди се Американци, плус најмоќниот и најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид предводен од идејниот творец за Суперлига, Флорентино Перез веќе со месеци го кројат планот и шемата за отцепување, која има поддршка од од џиновска корпоративна банка Џи-Пи Морган која ќе инвестира цели шест милијарди евра. Џоел Глејзер (Јунајтед), Џон Хенри (Ливерпул), Перез (Реал), а зад нив со поддршка и Џани Инфантино е четворката која ќе донесе тотален распад на фудбалската индустрија.
– Тоа ќе биде катастрофа за фудбалот, ќе се уништи ‘екосистмот’ и целата рамнотежа на европскиот фудбал. Целиот проект зад кулисите го започнаа Перез и Инфантино, а Глејзерови и луѓето од Ливерпул се активираа и во последно време редовно се на состаноците. Сè пробуваа да одржат во тајност, но (не)очекувано излезе во јавноста откако беше обелоденет планот во октомври, вели Тебас.
Според информациите, шесте великани кои ќе бидат основачи на лигата ќе добијат по 350 милиони евра, а секој клуб кој ќе игра по сезона ќе добива по 150 милиони евра и треба да бидат 20 екипи, кои ќе играат буквално комплетна лига во која 15 клуба се сè сами великани и тие ќе бидат постојани учесници, а другите пет ќе бидат повикувани со покани.
– Дали овде станува збор за алчност? Секој може ова да го дефинира како сака, ама тоа е идејата. Оваа лига прво ќе ја уништи Лигата на шампионите, на тоа работат. Сè е очигледно, парите што ги генерира ЛШ, тие сакаат само меѓусебе да ги делат, додал Тебас.
Во меѓувреме Александер Чеферин се обидува со ребрендирање на ЛШ во Суперлига на шампионите, да ја спречи идејата, но според најавите сите закани се само ќорци, зашто Перез и богаташите не сакаат да отстапат од лигата која ќе биде ексклузивно право само за аристократијата и фудбалските моќници кои се создадоа во 21 век како Челси, Манчестер сити, ПСЖ…