Третото судење за „Ровер” никако да почне:
Во Кривичниот суд во Скопје на 21 април повторно беше одложено судењето за случајот „Ровер” поради отсуство на обвинетиот Сашо Јовановски. Неговиот адвокат рече дека тој е оправдано отсутен поради здравствени проблеми. Од истите причини судењето беше одложено и на 8 овој месец.
Случајот “Ровер” по рета пат се суди во првостепена постапка, откако Апелацискиот суд два пати ги поништуваше пресудите и бараше пресуди врз основа на докази.
На претпоследното рочиште судијата Илија Трпков рече дека процесот „Ровер” не претставува пречка за Бошковски да биде ослободен од затворот во Идризово каде што ја завршува петгодишната казна за случајот „Кампања” за нелегално финансирање на изборната кампања. Адвокатот на Бошковски вели дека тој требало да биде ослободен во март, три месеци пред истекот на казната.
За случајот „Ровер” не е побаран притвор за Бошкоски. Тој е обвинет за помагање при убиствата на Марјан Тушевски и на Киро Јанев во 2001 година. Со првата пресуда од јули 2013 година беше осуден на 12 години затвор, а со втората пресуда казната му беше скратена на 10 години и шест месеци затвор.
Тогаш судот го ослободи од обвинението за убиството на Киро Јанев, а пресудата се однесува за помагање на убиството на Марјан Тушевски.
Со втората пресуда највисоки казни – доживотен затвор, повторно беа пресудени за тројцата првообвинети и директни извршители на убиството, српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, кои сè уште се недостапни за судот. Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, првиот човек на обезбедувањето на Бошковски, Зоран Трајковски, доби осум години и шест месеци, по седум години добија Сашко Јовановски, вработен во Шестата управа и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
По укинувањето на втората пресуда, сите обвинети беа ослободени од притвор.
Марјан Тушевски (37) и Кире Јанев (23) беа убиени ноќта меѓу 10 и 11 јули во 2001 година, пред кафуле на улицата „Атинска” во населбата Тафталиџе, како што тогаш објави полицијата, од двајца професионални егзекутори. Тушевски во тоа време бил познат рекетар со богато полициско досие.