Со Мелбурн започна турнејата на Љубојна во Австралија

Македонската група препознатлива како една од најинвентивните регионални состави која ги спојува елементите на поп, соул, денс, џез, рок и ориентална музика, Љубојна, ја започна сво­јата концертна турнеја во Австралија.

Турнејата започна со концертот во Мелбрун на 9 ти февруари, во Јан Јин театарот во Саут Моранг, следниот ден продолжи во хрватскиот клуб во Саншајн, а потоа следат настапите во Сиднеј на 16 и 17 февруари во хрватскиот клуб во Панчбол и Спортскиот центар Илинден каде на 17 -ти февруари завршува турнејата.
Групата Љубојна создава единствена музичка формула која на секој албум се користи на поинаков начин.
Минатата година покрај отворањето на Фестивалот на музика од светот, го промовираа албумот сниман на винил, извонредно насловен како „Радио Љубојна”, верна слика за она каде се движи звукот, но и амбициите на овој бенд.
Музиката на Љубојна се опишува како експлозија на креативноста и комбинација на теми од традиционалната македонска музика.
После Австралија Љубојна ги очекува концертна турнеја во Казахстан во јуни.
Специјален гостин на турнејата е Џамбо Агушев.
Изминатите 16 години Љубојна допринесе и за музиката на различни филмски, балетски и театарски проекти, создавајќи импресивно наследство од 9 студиски албуми. Бендот настапува насекаде низ светот и ја ос­војува публиката од сцените на Њујорк, Торонто, Рим, Истанбул, Москва, Пекинг.
Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер саунд од една заборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика.
Групата е една од најрепрезентативните и најистакнатите на Балканот, која на автентичен начин го пренесува пулсот на македонското музичко битие во отворен звук на светот. Нивните музички ерупции најчесто се опишуваат како постојано менлив спој од женска жестока енергија, моќниот звук на дувачката секција и традиционалните македонски теми.
Организатор на концертите е Македонскот културно уметничко друштво „Јане Сандански” од Мелбурн.

Останати вести