На задоволство на љубителите на македонскиот пишан збор, излезе од печат новата книга на Гордана Димовска и Ване Лозаноски под наслов “Љубов и завет низ виорите”.
Оваа книга фактички е дополнето издание на претходно објавената легенда “Љубовната одисеја на Бела Ица и Александар Македонски” во 2012 во издание на Љубители на литература, култура и наука “Св. Висарион”.
Книга која од легенда прерасна во роман и успешно ве води низ призмата на уметничкиот збор, ви дозволува да ја следите возбудливата одисеја на нашиот историски херој, двигател на светот, Александар Македонски со неговата планинска убавица Бела Ица.
И покрај уметничките продлабочувања, низ романот се задржува стилот на македонското народно раскажување со изобилие на стилски фигури, емотивни настани сликовито опишани, кои на романот му даваат магична привлечност за читателот. Јас како Беличанец, оваа легенда ја слушав од детските години, а Гордана внесе нешто ново и со голема посветеност успешно се надоврза на приказната за да добие уметнички стил и блесне низ впечатливи емотивни сцени.
Легендата за Бела Ица и Александар Македонски веќе зазема пошироки димензии и ги освојува сите а посебно младите генерации.