Хотелски сопственици островскиот имот го продале на лотарија

НЕВООБИЧАЕН НАЧИН ЗА ЗАРАБОТKА И ДАВАЊЕ ШАНСА НА ОЧАЈНИТЕ
Даг и Сали Бајц со своите три деца во 1994 година од минатиот век се преселиле на островот Kосрае во Микронезија, отвориле хотел, но потоа посакале да се вратат во родната Австралија. Наместо да го продадат својот имот на вообичаен начин на пазарот на недвижности, организирале томбола во која со купување лотариски билет од 49 американски долари можел да учествува секој што сака од кој било дел од светот.

Учествувале луѓе од 150 земји
Пред извлекувањето неделава Даг Бајц објаснил дека сака неговата работа да ја продолжат луѓе што според интересите му се слични нему и на неговата сопруга. Исто така, рекол дека се надева оти добитникот ќе биде некој што сака топла клима и средби со нови луѓе од целиот свет.
 – Толку многу луѓе, кои ги купуваа тикетите, се очајни да ги сменат своите животи, нивните прикаски ме доведуваа до солзи. Еден човек од Орландо ми пиша по пукањето во градот во диско-клубот велејќи дека во Орландо владее шок, дека можеби нема да добие, но ми се заблагодари што сум му дал надеж за живот – рекол Даг Бајц, кој го напуштил училиштето на 16 години.
Семејството Бајц одлучило дека томболата ќе се смета за успешна доколку се продадат најмалку 50.000 тикети, кои изнесуваат 2,45 милиона долари. Но, играта предизвикала толку голем интерес во светот што наведениот услов многу брзо е избришан од интернет-страницата – биле продадени 53.000 тикети на луѓе од 150 земји. Многу од луѓето што купувале тикети, раскажал Бајц, немаат пасоши, ниту искуство во водење хотели (немал ни Бајц кога почнувал), па семејството ангажирало и ментор кој на добитникот би му помогнал за сè што треба.

На островот дошле без скршена пара и без образование
Синот на брачниот пар раскажал дека кога неговите родители дошле на Микронезија, биле неедуцирани, со прекинато образование, буквално без ништо. И дека тој никогаш не би имал храброст да го направи она што го направиле неговите родители. Но, и покрај сето тоа, тие се работливи луѓе, кои на своите деца им дале богат живот и образование.
Десетици илјади играчи веројатно биле разочарани кога бил извлечен бројот 44.980.
Даг Бајц објавил дека добитникот се вика Џошуа и живее во Нов Јужен Велс, на југот на Австралија. На почетокот не сакал да го објави неговиот потполн идентитет за да му овозможи на новиот сопственик целосно да се освести за информацијата за големата добивка и да го поштеди од медиумите.
Добитникот Џошуа добил хотел со 16 вработени, без долгови, на островот Kосрае, сместен северно од Саломонските Острови и југозападно од Хаваите. Хотелот има соби со 16 кревети.
Освоил и куќа со четири соби, пет автомобили, кои се изнајмуваат на туристи, два минибуса со десет места, комбе, ресторан и парични средства во висина од 10.000 долари. Хотелот се наоѓа на изнајмено земјиште, но договорот за неговото изнајмување е на рок подолг од 20 години. Хотелот е многу популарен меѓу туристите и посетителите, особено меѓу љубителите на риболовот и нуркањето.
На островот живеат околу 6.500 жители.

Останати вести