„Луѓе без земја“

Животот на хероињата од Народноослободителната војна, Вера Фотева, е во центарот на приказната на играно-документарниот филм „Луѓе без земја”, што ќе биде прикажан во петок, на 17 јуни, во Darebin Arts and Entertainment Centre во Престон.

Работено по сценарио на Атанас Кировски, остварувањето е режирано од Марко Ѓоковиќ, а продуцент е „Њу момент – Видеохаус”. Следејќи ја патеката на Фотева, чие вистинско име е Евдокија Балева, 60-минутниот проект пренесува какви биле импликациите од судирот меѓу Тито и Сталин врз македонското движење за време на Граѓанската војна во Грција. Филмот во следниот период ќе се најде и на редовниот кинорепертоар.
Во ова кинематографско издание е искористена богата архивска документација. Преку играните сегменти, пак, фактографски се прикажани низа контроверзни историски настани што и денес не се целосно разјаснети во нашата држава.
Цели шест децении по Граѓанската војна во Грција, „Луѓе без земја” открива каков бил животот на Фотева за време на конфликтот и зборува за нејзината голгота во логорите во Албанија и во гулазите во Сибир, како и престојот во московските затвори „Лефортовскаја тјурма” и „Лубјанка”, додека за неа се водел судски процес во бившиот Советски Сојуз.
Во делото на Кировски, играните сегменти прават сликовит приказ на моментите од дејствието за кои што не постоела архивска документација. Наместо да биде сувопарно пренесување на историските настани, филмот преку разговори со очевидци од тој период, зборува за животниот пат на Фотева, која била потпретседателка на НОВ во рамки на тогашната грчка војска.
Во играниот дел од „Луѓе без земја” главната женска улога ја портретира Верица Недеска-Трајкова, а останатите ролји ги играат: Емил Рубен, Милан Тоциновски, Горан Трифуновски, Наџи Шабан, Димитар Доксевски, Гоце Влахов и Марина Поп Панкова. За фотографијата беше задолжен Ѓорѓи Клинчаров, сценографијата е на Кирил Спасевски, а монтажата на Филип Грчевски. Дизајнер на звук е Игор Поповски, шминката е на Валентин Валов, костимите на Жаклина Крстевска, продуценти се Кировски и Сашо Пешев, а извршен продуцент е Михајло Цветанов.

Останати вести