Томе Аџиев се пожали дека Управниот суд масовно ги поништува решенијата на Комисијата за лустрација.
“Управниот суд изврши пуч во процесот на лустрацијата со тоа што почна масовно да ги поништува нашите решенија со кои повеќе лица биле утврдени како соработници на тајните полициски служби”, вели претседателот на Комисијата за лустрација Аџиев во интервју за “Дневник”.
“Само во текот на јуни и јули добивме 17 решенија со кои се поништени нашите одлуки. Најверојатно ќе бидат поништени и сите останати решенија, 40-ина кои се обжалени пред судот”, додава тој.
Познато е, досега се лустрирани околу 200 лица, од кои 90-ина постхумно.
Според него Управниот суд погрешно ги толкува законските одредби.
“Управниот суд, спротивно на досега воспоставената пракса, сите предмети што се наоѓаа во негова надлежност ги чуваше кај него речиси една година. Потоа, одненадеж, во април 2016 година ги поништи сите решенија на Kомисијата. Тие ни се доставени дури на 20 јуни 2016 година и со особено чудно и симптоматично образложение, кое гласи: „…Од увидот во образложението на оспореното решение Судот констатира дека тужениот орган, односно Kомисијата за верификација на фактите, го повредила начелото на сослушување на странката предвидено во одредбите од членот 10 од Законот за општата управна постапка, со оглед да не му овозможил активно учество на тужителот (лустрираниот) во смисла на законската одредба од членот 31 став 3 од Законот за определувањето услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност…” Во добиените судски пресуди, нема ниту еден збор или коментар за документите содржани и посочени во решението на Kомисијата”, вели Аџиев.
За него е најсимптоматично тоа што Управниот суд и „препорачува” Комисијата за лустрација да се сообрази со измените на Законот за лустрација од август ланската година – дека нема право да донесува нови решенија по 1 септември 2015. Со поништувањето на лустрациите Управниот суд вели дека се поништуваат и сите правни дејствија и последици предизвикани со тој акт… што значи дека решенијата како и да не постоеле.
Аџиев не се согласува ниту со тој став.
“Имено, во Законот сосема јасно е зацртано дека сите предмети кои Kомисијата ги имаше во процедура до неговото донесување, за кои имаше донесено решенија (а не да отвора други постапки), ќе ги заврши до конечното (крајно) завршување на тие предмети, или најкасно до 1 септември 2017 година. Напоменувам, во Законот никаде не стои дека доколу во постапката пред судот овие решенија, од која било причина бидат поништени – еднаш или повеќе пати – до датумот 1 септември 2017 година, Kомисијата не смее да ја заврши постапката целосно, како што го прави сега Управниот суд. Ако тоа не е така, која беше целта на оваа одредба од Законот и одредување на крајниот датум 1 септември 2017 година”, вели Аџиев за “Дневник”.
Аџиев си ги толкува законите по свое?
Она што не го кажува Аџиев во интервјуто е дека решенијата на Управниот суд од 2016 година се всушност поништувања на лустрации по втор или по третпат. Имено, Законот дозволува да се завршат постапките за кои Комисијата имала донесено решенија пред 1 септември 2015, но не и да се носат нови решенија по тој датум.
А она што во пракса го правеше Лустрациската комисија е: кога ќе добие поништување од Управниот суд, наместо да ја продолжи правната битка пред Вишиот управен суд, таа си носеше ново решение за лустрација (со нова постапка). Како да не сака да се замара со одење по ходниците на судот.
Поништувањето на правен документ значи дека тој се прогласува за ништовен, односно како да не бил. Аџиев, како адвокат, тоа секако го знае. Во Законот за престанување на лустрацијата од ланскиот август, во Член 2 децидно пишува:
(став 1) За постапките започнати … до 1 септември 2015 година, а за кои Комисијата за верификација на фактите има донесено решенија, ќе продолжат да се применуваат одредбите од Законот (2012) се до нивното конечно завршување.
(став 2) Од 1 септември 2015 година, Комисијата за верификација на фактите нема мандат за покренување на нови постапки.
(став 3) Се запираат сите започнати постапки за кои до 1 септември 2015 година не се донесени решенија од Комисијата за верификација на фактите.
И никаде во Законот (2015) не пишува дека Комисијата може да носи нови решенија до 1 септември 2017 година. До тој датум е мандатот на Комисијата, за да се завршат жалбените постапки.