За повеќе од еден месец, Управниот суд до Комисијата за верификација на фактите испратила 17 решенија со кои ги поништува нивните одлуки за лустрација.
Академик Иван Катарџиев, писателот Божин Павловски, новинарката Јадранка Костова, поранешниот обвинител Јован Трпеновски, Данчо Чеврески, Николче Бабоски, Ице Дамчевски… се само дел од личностите од јавниот и политичкиот живот кои изминатиов период ја добиле „битката” пред Управниот суд, кој ги укинал решенијата со кои Комисијата за лустрација ги прогласила за соработници со тајните полициски служби. За повеќе од еден месец, Управниот суд до Комисијата за верификација на фактите испратила 17 решенија со кои ги поништува нивните одлуки за лустрација.
Првиот човек на Комисијата, Томе Аџиев е незадоволен од ваквата одлука на Управниот суд и најавува дека најверојатно ќе бидат поништени и сите останати решенија – 40-тина кои се обжалени пред судот.
„Ги обжаливме сите пресуди и решенија на Управниот суд”, вели првиот човек на Комисијата, која досега во своето неколкугодишно работење лустирираше околу 200 лица. Дел од нив поради тоа ги изгубија работните места, им беше нарушен угледот и им влијаеше врз кариерата. Еден од најкритикуваните процеси во земјата, особено поради фактот што со неа беа опфатени и починати лица, изминативе години често беше оспоруван и пред домашните судови, но и пред судот во Стразбур.
Според Аџиев е спорно тоа што Управниот суд порано ги отфрлал жалбите на лустрираните лица. „Сега спротивно на воспоставената пракса, сите предмети што се наоѓаа во негова надлежност, ги чуваше кај него речиси една година. Потоа одненадеж во април годинава ги поништи сите решенија на Комисијата, кои ни се доставени дури на 20 јуни и со особено чудно и симптоматично образложение”, вели Аџиев.
Деновиве главниот уредник на неделникот „Фокус”, Јадранка Костова потврди дека Управниот суд ја поништил лустрацијата за неа, со образложение дека е прекршен членот кој предвидува лицето за кое се води постапка да биде задолжително известено.
„Во правна ситуација кога оспорениот управен акт е поништен од судот, поништувањето делува наназад од донесувањето на актот, односно се поништуваат сите дејствија кои му претходеле на донесувањето на актот, како и сите правни дејствија и последици предизвикани од тој акт”, се наведува во пресудата. Костова тогаш изјави дека оваа одлука на судот е сатисфакција за неа, но не ги брише последиците од решението кои морала да ги претрпи.
Со оглед на тоа што решенијата на лустрациската се поништени, Управниот суд потенцира дека секое наредно процесно дејство преземено од Комисијата, а се однесува на некој од тужителите треба да се третира како нова постапка, за кои лустраторите веќе немаат мандат.
Управен суд од 2010 трипати поништува, Аџиев во септември по четврти пат го лустрира
Своевиден рекордер е Никола Бабовски, професор од Битола и претседател на Демократскиот сојуз на Власите, кому три пати му беше поништувана лустрацијата. Со последната пресуда тој е ослободен од клевета дека кодошел, а бидејќи Законот за лустрација не важи од минатиот 1 септември, комисијата нема мандат да почне нова постапка за Бабовски. Сепак, Комисијата за лустрација предводена од Аџиев во средината на септември по четврти пат го лустрираше.
Во трите решенија на Комисијата за лустрација од 2010, 2012 и 2014 година, пишува дека постои документ за ангажманот на Бабовски во 1998 година како соработник на тајната полиција, под псевдонимот „Ветеринар”. Според извештаите, тој е наведен како извор на информации, а постоел и документ дека му биле исплатени пари и предлог за престанок на ангажманот во 2006 година. Ваквите наводи Бабовски ги негира. „Она што беше најболно за мене и за моето семејство што врз моите деца се изврши класична политичка педофилија, затоа што и јас, но и тие бевме распнати на сите медиуми, па дури и на веб-страницата на Комисијата за верификација на фактите”, изјави тогаш Бабовски.
На почетокот на годинава од Стразбур пристигна и информацијата дека Европскиот суд за човекови права одлучил дека во случајот со лустрираниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, постоела повреда на членовите 6 и 8 од Европската конвенција за човекови права. Поради тоа што тој бил лустриран во нефер постапка и му е направена повреда на честа, угледот и достоинството, македонската држава е должна да му исплати и парична отштета од 5.350 евра. Ивановски беше прва жртва на македонската лустрација и прв функционер кој мораше предвреме да се повлече од функција. Веста за неговата победа во Стразбур, Ивановски ја оцени како „шлаканица за лустрацијата, но и за естаблишментот”.
Комисијата не работи, но ќе зема плата до 2017 година
Актуелниот и последен состав на Комисијата за верификација на факти има мандат до септември 2017 година, иако претходно се планираше целиот процес на лустрација да заврши во 2019 година. Процесот, кој требаше да се одвива до 2019 година, со предлог-измените на Законот за лустрација, престана како резултат на политичка одлука на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои, пак, реагираа на критиките од ЕУ за оваа област.
Иако од 1 септември 2015 година, Комисијата нема мандат да поведува нови постапки, сепак членовите на комисијата ќе земаат плата уште една година. Во меѓувреме тие најавуваат дека ќе ги обжалуваат сите решенија на судовите со кои се поништуваат одлуките за лустрација.
Процесот на лустрација почна во Македонија пред околу осум години, како проект кој требаше да оневозможи соработници на тајните служби за време на претходниот систем да извршуваат државни и јавни функции. Но, со тек на време, законот што ја регулира оваа проблематика помина низ повеќе интервенции, а опфатот на лустрацијата максимално се прошири, така што целиот процес стана предмет за политички пресметки со неистомисленици. Како резултат на тоа, дојдоа и низата забелешки на меѓународните фактори.
(“Утрински весник”)