Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на престојот во Република Франција за време на конференцијата на УНЕСКО, го посети и македонскиот штанд на Меѓународниот саем за културно наследство, кој се одржа во престижниот изложбен простор Карусел во рамки на музејот Лувр во Париз.
Република Македонија за првпат се претставува на овој исклучително значаен саем, кој ги обединува професионалците од областа на заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство од целиот свет.
Канческа-Милевска оствари и работна средба со раководството на саемот кој повеќе од дваесет години, во организација на “Ateliers d’Art de France” (познато здружение на француски занаетчии), го привлекува вниманието на експертската јавност од сферата на заштитата на културното наследство. На средбата беше договорено Република Македонија и наредната година да има своја презентација на овој еминентен саем посветен на културното наследство на земјите од сите континенти, соопшти Министерството за култура.
На македонскиот штанд беа претставени голем број публикации, видеа и други видови промотивни материјали за богатата македонска култура, како и новите десет публикации за културното наследство на Република Македонија кои неодамна беа промовирани пред македонската јавност.
Кај посетителите, меѓу кои се и еминентни архитекти, историчари на уметноста, занаетчии и археолози, постои голем интерес за македонското културно наследство, а особено за црквите од византискиот период, за ранохристијанските мозаици, за античките градови. Годинава пред посетителите во музејот Лувр се презентираат културните добра на 350 излагачи од целиот свет, меѓу кои и на: Кина, Јапонија, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Белгија, а со свои штандови се присутни и многу реномирани организации, како ИКОМОС и УНЕСКО. (МИА)