Mакедонски триумфна Сараево филм фестивал

Голем успех за македонската кинематографија на 32. издание на „Сараево филм фестивал“ кој во петокот ја спушти завесата – пет награди за два македонски филма. Овие признанија го потврдуваат квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, соопшти Агенцијата за филм на Македонија.

Филмот „17“ во режија на Косара Митиќ освои дури четри награди:

– Специјална награда за промовирање на родова еднаквост,

– „Срце на Сараево“ за најдобра актерка – Ева Костиќ,

– Cineuropa Prize и

– UniCredit награда од публика.

Во овој филм Ева Костиќ ја игра 17-годишната Сара, тинејџерка која станува сведок на сексуално насилство врз своја соученичка. Филмот го истражува начинот на кој една млада девојка се справува со траумата, вината, молкот и последиците од насилството.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума ја освои Special Youth Perspectives Award. 

Филмот ја следи приказната за младите сестри Адела и Зара, нивниот свет на скејтбордингот и борбата за слобода во средина во која традиционалните општествени норми силно го определуваат животот на девојките. Преку приказната на сестрите, Дума отвора теми за слободата, сиромаштијата, родовите улоги и притисокот што младите жени го чувствуваат во патријархалното општество.

На 32-то издание на сараевскиот фестивал беа прикажани и “Мајка” на Теона Стругар Митевска и краткиот филм “Кучињата немаат соништа” на Ханис Багашов. Исто така посебно внимание предизвика и документарниот филм “Добри луѓе” на Милчо Манчевски, кој ја опфаќа темата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица а над 200 останаа со трајни белези од изгореници. По проекцијата на филмот во салата завладеа штама, а дури потоа беше разбиена со аплауз.

Наградите ги додели жирито во состав: Емили Вотсон, претседателка (актерка, Обединетото Кралство), Игор Безиновиќ (режисер, Хрватска), Сара Климоска (актерка, Македонија) Матхејс Ваутер Кнол (директор на Европската филмска академија, Холандија) и Атина Рејчел Цангару (режисерка, сценаристка и продуцентка, Грција).

Наградата „Почесно срце на Сараево“ ја добија Вуди Харелсон, Диего Луна, Емир Хаџихафизбеговиќ и Емили Вотсон, која беше и претседателка на жирито.

Наградата „Срце на Сараево“ за најдобар долгометражен игран филм ја доби германско-австрискиот “Секој пат” на Сандра Волнер. Наградата изнесува 16.000 евра.

Останати вести