Во мај 1945 се кодификуваше македонскиот литературен јазик

На 3 мај 1945 година Комисијата за азбука и правопис (предводена од Блаже Конески) донесе резолуција со која во дефинитивна форма се утврдува азбуката и правописот на македонскиот јазик.

Два дена потоа, на 5 мај 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија (претседател Лазар Колишевски) ја усвои таа резолуција. Еден месец подоцна, на 7 јуни 1945 година, озаконет е и правописот на македонскиот јазик.

Комисијата за јазик и правопис е формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година, со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик.

Првата комисија не ги оформила целосно своите ставови, па, со извесни измени во составот на комисијата, прашањето за азбуката и правописот се решило во мај 1945 година. Притоа се поставиле следниве принципи:

Во македонскиот литературен јазик треба да се востановат оние форми од централните говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта.
Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки.
Македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.
Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година. До утврдувањето на кодификуваниот македонски јазик Макдонците во пишувањето се користеле прво со старословенскиот а потоа со бугарскиот или српскиот (секако, пообразованите користеле и француски).

Во календарот на државни празници нема ниту еден од овие денови.

Останати вести