Мајчиниот јазик ги поврзува младите Австралијани со нивното македонско потекло со себеси и нивниот идентитет

Мајчиниот јазик е непроценливо духовно богатство на секој народ и душата на секој поединец. Тоа е јазик што не допира длабоко, до срцето, до тоа што сме, воопшто до нашето постоење.Подарен од родителите, наследен од дедовци и прадедовци, долг и обврска на секој поединец да го чува, негува и пренесува.

Колкава е љубовта кон македонскиот јазик на младите Македонци во Австралија, најдобро можеше да се види од приредбата организирана од учениците што го изучуваат македонскиот јазик во средното училиште Епинг. Приредбата беше организирана по повод патрониот празник на нашите просветители, словенските апостоли што го трасираа патот на словенската писменот, Светите Кирил и Методиј. Учениците горди на својот македонски јазик и знаење со љубов ја изразија неизмерната почит кон светите браќа, кон себеси и својот идентитет. Заедно со гостите, родителите, повозрасните членови од македонската заедница и сите присутни, низ рецитации, читање, разговор, песни и оро на најдобар можен начин покажаа колку им значи јазикот и колку се горди на своето потекло и култура. “Нема никогаш да го заборавам мојот мајчин македонски јазик”, “Јазикот е дел од мојот идентитет”, ” Ќе го пренесувам на идните генерации”, беа некои од ветувањата на учениците”. Нивните зборови предизвикаа радост и солзи кај присутните.

Програмата не би била успешна и комплетна без нашите гости кој зедоа активно учество во програмата и ја збогатија со нивните знаења и искуства од различни области. Колкаво е значењето на македонскиот јазик во поврзувањето на младите Македонци со нивниот духовен живот и христијанството можеше да се слушни од говорот на Отец Тоне Гулев од црквата Света Петка во Мил Парк. Преку говорот на Јагода Котеска учениците се запознаа со важноста на македонскиот јазик во градењето на кариерата и јазикот како мост меѓу генерациите. “Постарите се извор на знаење и искуство. Во минатото се имало огромна почит кон постарите. Од нив помладите учеле за сешто им било потребно за да опстанат. Тоа не треба да го заборавиме. Комуницирајте со постарите и користете го јазикот, тоа ќе ви помогне да допрете до тоа богатство од знаење” – им порача Јагода на учениците.
“Како чувари на јазикот ние треба да го изучуваме и познаваме јазикот на високо ниво” – беа зборови на Маја Б. Талевска, претставник од македонската програма на СБС радиото. Преку оваа програма Македонците во Австралија се доближуваат до земјата во којашто живеат и ја одржваат врската со нивната Македонија. Насекаде се чувствуваше позитивна атмосфера и огромен интерес кон тоа што се презентираше.
Програмата беше збогатена со рецитцијата на поетот Крсте Наумоски и Весна Дамчевска (координатор на програмата по македонски во Килор Даоунс центарот) и уште многу други активности во кои учениците учествуваа заедно со повозрасните, делеа искуства и знаења. Огромна благодарност кон сите гости, што прифатија да бидат дел од нашата програма. Поготиво нашиот гостин Живко Поповски – Цветин, уметник од Македонија, кој после прекрасниот говор и рецитација им наслика и им подари на секој ученик и присутен по една цветна слика. Не би можела да ги спомнам ими­њата на сите гости, затоа што ги имавме во поголем број. Благодарност кон нашите повозрасни Македонци кои со љубов и смеа поминаа неколку саати со учениците.
Би сакала да изразам голема благодарност кон моите прекарасни ученици и нивните родители за подршката на македонската програма и изучувањето на јазикот. Тие се оние што ќе продолжат да го пренесуваат јазикот на идните генерации. Би сакала да ја изразам мојата благодарност кон средното училиште Epping Secondarѕ College. Од 1992 година, од отворањето на македонската програма, училиштето и дава огромна подршка на македонска програма. Директорката на училиштето Г-ѓа Хелен Аламидис им се обрати на гостите со зборовите “Македонскиот јазик во Епинг ќе се изучува уште долго, затоа што програмата има длабоки корени”. Би сакала секој што има можност, да ја изрази таа благодарност кон училштето, затоашто без поткрепа од училиштето, јазикот тешко би опстанал и вакви настани тешко би се организирале. Програмата ја завршивме со заедничко оро и ручек зготвен во училишната кујна. Не мислам дека можеше да се најде посреќна и поисполнета наставничка од мене, благословена и привилегирана да го шири јазикот на овие простори, Прославата на Свети Кирил и Методија и макеоднскиот јазик не зближија сите. Сите заедно, со меѓусебна љубов и почит ќе го шириме јазикот каде и да сме.

Гордана Мурговска
Јанинска
Наставник во средното училише Епинг

Останати вести