Македонците во Џилонг малубројни но вредни

Ми причинуваше големо задоволство што имав можност на поминување низ Џилонг, индустриски град блиску до Мелбурн, да го посетам Македонскиот центар и црквата „Св. Јован Крстител” кои се наоѓаат во населбата Bell Post Hill. На секој минувач на патот за градот Баларат му го свртува вниманието македонското национално знаме кое се вее и ни дава до знаење дека се наоѓаме на едно парче македонска земја, на еден простор каде што се организираат пикници, средби и веселби, крштевки и венчавки и секако закопи и помени.

Се надевам дека нема да ми се лутат управите на другите цркви но морам да бидам искрен дека црквата „Св Јован Крстител” е една од најубавите македонски цркви во Австралија. Убаво уредената црква, во која питропот Владо Босеоски не сака ни мала прашинка да падне, ми го сврте вниманието на оригиналните икони и иконостасот кои беа направени во Македонија и донесени, ете во Св. Јован Крстител за да можеме ние и генерациите што доаѓаат по нас да се воодушевуваме од вештите раце на даборесците и иконописците. Инаку Владо повеќе години го раководел КУД „Стале Попов” во Мелбурн, а негови песни се интерпретирани од познати македонски интерпретатори во Австралија.
Во самиот удобно уреден центар се почувствува топлиот амбиент што нашите од длабочината на срцето му го нудат на секој добронамерен човек. Македонските сениори ја имаа својата неделна средба и по повод Митровден се нудеа колачина и освежителни пијалоци и секако со голема воодушевеност ми пренесуваа што нивната Општина има постигнато и како сите сложно работаат за да се зачува македонскиот идентитет. Сребре Шобевски, кој е координатор на културниот живот на Општината, забележа дека неговиот внук ќе започне да игра во КУД „Бисер”, кое е дел од Општината, крушевчанецот Ристо Оџаклиев, заменик претседател на Општината, забележа дека под раководство на претседателот Митко Николовски, сите сложно работат како браќа и единството ги прави да ги истраат притисоците на времето, Цветко Пачоски како секретар, Димче како благајник и неуморната Антика се грижат на македонските сениори животот да им го направат поубав и поинтересен. Цветко Пачоски од славното Вевчани со својата сопруга Вента од Раслајца се активни во Општината и социјалниот живот на заедницата не само во Џилонг туку и во Мелбурн. Веќе 25 години ја раководат Македонската радио програма на Радиото The Pulse 94.7 mhz кое се емитува секоја среда. Инаку двајцата со години во Мелбурн го раководат Струшкиот социјален клуб „Браќа Миладиновци”, кој неодамна наврши 30 години од своето постоење. Во далечната 1983 год. со Стојче Јолдески и Спасе Нелкоски, сега двајцата починати општественици, го формираа овој клуб, кој се уште е носител на социјалниот живот на Стружаните во Мелбурн.
По средбата многу лесно можеше да се заклучи дека македонската заедница во Џилонг, која брои приближно 2000 луѓе, е жедна за културни настани преку кои се негува македонската култура.
Душан Ристевски

Останати вести