Австралија го прослави националниот празник на 26 јануари. По тој повод, во Австралија се организираа низа манифестации, меѓу кои најпознати се парадите во големите градови.
Во центарот на Мелбурн се одржа традиционалната парада на која продефилираа повеќе од 80 етнички заедници што живеат во Австралија, меѓу кои и македонската, предводена од Советот на македонската заедница за Мелбурн и за Викторија.
Македонците секоја година се дел од овој голем настан, и оваа година со гордост продефилираа на парадата, веејќи ги националното и државното знаме на Република Македонија. Тие уште еднаш покажаа дека се гордеат со своето потекло и достоинствено нè претставија пред највисокиот врв на Викторија.
На почетокот, се интонираше химната на Австралија и беа прочитани реферати по повод празникот, а говор одржа и премиерот на Викторија, Даниел Ендруз.
Пред политичкиот врв на Викторија, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени и обични луѓе, продефилираа голем број етнички групи од целиот свет кои живеат во Австралија и ја прават уникатна и единствена оваа земја.
Австралија е пример за мултикултурна држава со единство, мир и хармонија, за соживот на луѓе од сите континенти на земјината топка.
