Ванчо Михајлов, лидерот на ВМРО (впрочем како и сите негови претходници), сметал оти Македонија треба да биде независна држава по теркот на Швајцарија која е составена од делови на соседните народи: Германци, Французи и Италијанци. Во нашиот случај тој сметал дека независна Македонија би била составена од Бугари, Срби, Албанци, Турци… етнички Македонци кај него нема! Кај Заев си ги има Македонците, ама со тоа што ги тера да го учат албанскиот јазик ги сведува на ниво на малцинството.
Дали лидерот на опозицијата Зоран Заев ќе добие, или пак ќе изгуби гласови на изборите поради неговите настапи за двојазичност на целата територија на Република Македонија? Веќе нема никакво сомневање дека тој ја отвора вратата за промена и на Уставот и навлезе во “територијата” на која досега суверено владееше Али Ахмети со ДУИ.
Многу силни негативни реакции предизвика учеството на Заев на 13 ноември на дебата со иселеници од Македонија во Берн (пред се Албанци, но и Македонци и Горани), организирана од „Платформа Албинфо” од Швајцарија. Освен Заев, на дебатата на тема „Македонија на прагот на избори: Промените, илузија или реалност”, говорник бил и лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, како и поранешниот швајцарски политичар Андреас Грос.
– Некои ми викаат: еј, ало, пред избори си, ќе изгубиш македонски гласови. Па ако е грдо лицето на Македонецот, што е важно? Ќе дојдат и други избори, ќе дојдат и други политичари. Сега му е мајката да ги отвориме овие теми, рекол Заев во Берн.
– Македонија, независно од националната, религиозната и политичката припадност, треба да биде обединета за да го тргне од власт овој режим. Еве, тука, во салава, сме обединети и јас како претставник на македонската политичка компонента, говорам на собир каде што мнозинството е составено од Албанци. Јас сум прв од македонските политичари што се ангажирам за еднаквост и единство со сиот ризик дека со ова може да ги изгубам гласовите на оние што не веруваат во оваа можност за еднаквост. Јас ги отворив овие теми независно од тоа кој е засегнат и ова го направив за доброто на Македонија. Верувам дека оваа Македонија може да се стреми да стане обединета Швајцарија и еднаква за сите. Kога ги објавив бомбите видов дека се крадени пари од двата етнички кампа, и од македонскиот и од албанскиот, независно од тоа колку проценти од населението сочинуваат – порачал Заев.
Тој обвинил и дека актуелната власт е одговорна за лошите односи на Македонија со соседите.
– Сега е време обединети да му кажеме стоп на овој режим. Парите отидоа на споменици и музеи, кои наместо да не обединат, не поделија. И не само тоа, тие ги нарушија односите и со нашите соседи Kосово, Србија, Албанија, Бугарија. Не може да бидеме добри само ние, Македонците, а сите други да бидат лоши – рекол Заев по што следувал силен аплауз од присутните.
Лидерот на СДСМ во Берн говорел и за еднаквоста при употреба на јазиците, односно воведување двојазичност на целата територија на Република Македонија.
– Јас сум истиот Зоран Заев што ја отвори јавно употребата на јазиците во Македонија и еднаквоста и рамноправноста во државата. Јас сум истиот тој што го гледавте и по Фејсбук и по телевизии кој отвори штабови во Арачиново и во Чегране. Македонија ја замислувам така што ако знаеме кинески – на кинески да се разбереме, ако знаеме англиски – на англиски да се разбереме, француски-француски, албански-албански, македонски-македонски. Да се ослободиме – рекол Заев.
Рамковниот не е доволен, треба да одиме преку него
Во своето обраќање Заев се осврнал и на Охридскиот рамковен договор и рекол дека мора да се оди преку него доколку сме верувале во „еднаквоста и рамноправноста”.
– Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор, оти тој е некоја рамка. Зошто во 21 век, 25 години независна Македонија да има рамки на ограничување? Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин Албанец исто како што тој ќе ми помогне на мене како Македонец – рекол Заев.
Само неколку дена претходно, во емисија на скопската “ТВ21”, Заев најави дека за него е прифатливо да се смени и Уставот заради двојазичноста.
– Ние одиме со граѓански концепт. Со соодветно време, кога ќе дојде потребата прагматично за таа работа (промена на Уставот – н.з.), тоа ќе се случи – рече Заев во емисијата.
На дебатата со дијаспората во Берн, струшкиот градоначалник Зијадин Сеља потенцирал дека ситуацијата во Македонија е неодржлива во однос на позицијата на Албанците. Според него, етничкото чистење на Албанците од Македонија трае од 1912 година и поради тоа Албанците се многубројни во дијаспората.
Според Андреас Грос, пак, потребна е промена на Уставот во Македонија за да се изедначат двата јазика.
– Двата јазика (македонскиот и албанскиот) треба да бидат официјални за да може да се користат на еднаков начин во сите региони во земјата исто како во Швајцарија. Kај нас, имињата на улиците се на два јазика, така треба да биде и во Македонија. Македонците да учат албански и Албанците македонски – рекол Грос.