Македонскиот селектор Игор Ангеловски го соопшти списокот од 26 фудбалери за историскиот прв настап на нацоналниот тим на Европското првенство и истакна дека целта е минување на групата и пласман во втората фаза од собирот на најдобрите на Стариот континент.
– Ристовски, Чурлинов и Јанков се нашата иднина, тие затоа се на нашиот список. Со својот квалитет јас сметам дека можат да придонесат во А-тимот и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години од овие тројца да бидат стандардни првотимци.
Жалам за отсуството на Илија Несторовски (оперираше колено), вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европско првенство и за жал нема да биде со нас во тимот. Сепак, верувам во останатите играчи и дека без проблем ќе го дополнат неговото отсуство. УЕФА дозволи и три резерви во случај на ковид-проблеми, ама јас се надевам дека тоа ќе не одмине.
Димитриевски и Николов со своите тимови имаат обврски во плеј-оф дуелите. Според ФИФА правилата, тие може да останат во клубовите до 30 мај, но ние сме во комуникација и ќе договориме клупските претставници, па ќе го донесеме најдоброто решение за сите, изјави Ангеловски.
– Сакам да искажам дека се чувствувам горд што дочекавме еден македонски селектор да соопштува список за настап на Европско првенство. Задоволни сме што ќе бидеме дел од најдобрите на Стариот континент, но сето ова ни носи обврска и во најдобро можно светло да го претставуваме македонскиот фудбал. Јас сум првиот кој високо ги постави приоритетите и целите за ЕВРО 2020 а тоа е место во втората фаза од шампионатот, место во осминафиналето на ЕП – истакна Ангеловски на прес-конференцијата по соопштувањето на репрезентативниот список.
Македонија е во група со Австрија, Украина и Холандија на првенството.
– Знаеме дека не очекуваат повеќе од квалитетни противници, но ние си имаме свои цели. Сигурно, и по онаа победа над Германија, сега противниците многу подлабоко ќе ја анализираат нашата репрезентација. Знам дека и нашите навивачи по таа победа сега сакаат Македонија да биде и европски шампион, но мора да бидеме трпеливи и мудро да играме на престојното првенство. Ја прифаќаме аутсајдерската улога, но ги знаеме и сопствените квалитети – вели Ангеловски.
Првиот собир на репрезентативците на стартот од подготовките за ЕП е закажан за 25 мај во Скопје каде ќе течат целокупните подготовки и ќе бидат одиграни пријателските натпревари со Словенија (1 јуни) и со Казахстан (4 јуни).