Македонија може и без вакцини против ковид-19, ама без попис – никако!?

Во Собранието на Македонија државниот врв ги собра сите градоначалници за советување во врска со претстојниот попис. Таму беа претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Таљат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Државниот врв е едногласен дека – без разлика што е сред пандемија со коронавирусот, а без обезбедени вакцини – спроведувањето на пописот во април месец е висок државен интерес ама и потврда за зрелоста на државата.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето порача дека бојкотот на пописот на кој повикува и го најавува ВМРО-ДПМНЕ е најлошата одлука што може да ја донесе кој било политички субјект. Тоа, вели, може да донесе штета за државата, конфузија кај граѓаните.
– Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики. Оттаму, тука сме пред вас за да укажеме колку е важно државата и сите нејзини институции и чинители на централно и локално ниво, да дадат поддршка на Државниот завод за статистика, за успешно да ја спроведе стратегиски важната статистичката операција – Попис 2021, рече премиерот.
Пописот, вели Заев, не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество, туку ќе овозможи да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки. Податоците од пописот се од огромно значење и за локалните власти и се суштински кога станува збор за планирање на развојот на заедницата.
– Пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ, бидејќи, поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите и затоа во април треба сите да дадеме придонес ова прашање успешно да го затвориме. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца, порача премиерот Заев и ги повика градоначалниците да помогнат колку што можат за да се спроведе успешна статистичка операција.
Зошто толку гарамет кога и самата власт тврди дека ќе ги споредува податоците со постоечките 9 бази на податоци?
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак опстојуваат на ставот дека власта пописот насилно го турка како политичка, а не статистичка операција и е спротивна на европските стандарди. Затоа, се посочува, се уште нема ни методологија на два месеци пред неговото спроведување.
– Власта насилно наметнува голема теренска операција во сред пандемија, кога сите сериозни земји во регионот и Европа ги одложуваат своите пописи за да не го загрозат здравјето и животите на своите граѓани. Ова само гарантира дека власта веќе ги има резултатите од пописот и само треба да ги објави, за што говорат и отворените лицитации со резултати, бројки и проценти, велат од партијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Само интервју” на “Канал 5” телевизија истакна дека тој се согласува да се спроведе попис во земјата, бидејќи тоа е обврска, но предлага тој да биде електронски.
– Зошто да не биде електронски. Јас тоа го понудив, еве нека биде само електронски. И со стискање на копчето ентер да излезат резултатите. Податоците на граѓаните коишто ќе бидат попишани ние потоа ќе ги вкрстиме со определен број на база на податоци меѓу кои вели интегрираното гранично управување, точно знаеме кој влегува кој излегува и на тој начин ќе знаеме кој во државава е присутен, кој отсутен. Секој што има државјанство си е државјанин македонски, но не значи дека е резидент, рече Мицкоски.
Според него, државниот систем може да спроведе електронски попис и со вкрстување на овие исти податоци и тие бази на податоци ќе дадат одговор како оваа држава да се развива.
– Имаме база на податоци во УЈП кој плаќал даноци. Зошто да има попис теренски. Нека се направи електронски попис и да видиме со што располагаме ние во државата, изјави Мицкоски.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот закажан за април месец ќе биде објавена во “Службен весник” како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детал за неговото спроведување.
Пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, пописните комисии добиените податоци на лице место ќе ги внесуваат во лаптоп компјутери, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Ова е прв попис по 19 години. Последниот државата го спроведе во 2002 година. Пописот кој почна да се спроведува во 2011 година беше прекинат со договор на премиерот Никола Груевски и неговиот најголем колаициски партнер Али Ахмети од ДУИ.

Останати вести