ИСЛАМСКАТА ДРЖАВА СЕ ЗАКАНУВА СО НОВА МАПА
Рангирањето на Македонија во земји со помал ризик од тероризам е поволно за нашиот туризам, вели за “Вест” Артан Керим, претседател на туристичко-угостителската комора во Сојузот на стопански комори на Македонија.
Грција е со општ ризик од тероризам, а Македонија со потенцијален, според мапата за терористички упоришта која ја објави Исламска држава, по бомбашкиот напад на Истанбулскиот аеродром. Според мапата, висок ризик има во Турција, на дел од грчките острови и во цела Западна Европа. Со низок ризик се балтичките земји, Естонија, Литванија, Полска, Швајцарија и Чешка.
На мапата на Исламска држава, Македонија е во групата земји означени со жолта боја. Во истата група од балканските земји се Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Словенија. Србија е во истата група со Грција, која е означена со портокаловата каде што се и Италија, Шведска и Данска.
Рангирањето на Македонија во земји со помал ризик од тероризам е поволно за нашиот туризам, вели за “Вест” Артан Керим, претседател на туристичко-угостителската комора во Сојузот на стопански комори на Македонија. Според него, засега лоша слика до странските туристи праќаат само внатрешнополитичките превирања, што може да ги премисли во одлуката да ја посетат земјата.
“Генерално, Македонија е безбедна во поглед на терористички напади. По нападот на Истанбулскиот аеродром, има Турци кои се заинтересирани со цело семејство да се доселат во Македонија, бидејќи земјата во која живеат е под сериозни закани од тероризам”, вели Керим.
Со мапата, Исламска држава откри застрашувачки детали за постоењето на тајни единици низ целиот свет, вклучувајќи ги Франција и Турција. Западните разузнавачки служби се сомневаат дека групата има влијание на три нивоа: општа контрола, медиумска контрола и присуство со тајни единици.
Македонците се откажуваат од аранжманите за Турција
Инаку, ако Македонците досега ги игнорираа терористичките напади во Турција и ги користеа големите попусти, по нападот на Аеродромот во Истанбул почнаа да ги откажуваат одморите на турското приморје, вели Артан Керим за “Вест”.
“Во првите моменти по нападот, луѓето што имаа уплатено аранжмани, заминаа за Анталија, но неколку дена потоа почнаа откажувањата. Бројот на патници за чартерот кој полета во саботата навечер беше намален за 40 отсто, а парите за аранжманите се враќаат”, вели Керим.
Според него, годинава има и послаб интерес за летување на Македонците во Грција, а за Албанија нема некоја организирана туристичка понуда преку агенциите. На албанското приморје, вели Керим, заминуваат Албанците од Македонија, и тоа масовно по празникот Рамазан-Бајрам.