Се зголемува бројот на заболени од “ковид-19” во Македонија. Најмладиот пациент од коронавирусот во земјата има две години, а најстариот 91. Најголемиот дел се од Скопје, потоа од Дебар, Штип, Кавардарци, Охрид, Гостивар и Куманово.
Стотици чекаат тестирање иако властите отворија 14 пункта низ државата (два се во Скопје). Оние што не сакаат да чекаат се тестираат во приватните клиники, иако Министерството за здравство нив не ги признава (не дека не се толни туку затоа што сака да има “унифицирано тестирање”). Во почетокот резултатите од тестирањата се добиваа истиот ден, а сега по 3-5 дена.
До вторникот бројот на починати е двајца: 57-годишна жена од Куманово и 63-годишен од Дебар. Повозрасната дебарчанка која со денови е на респираторна машина засега е стабилна, изјави министерот за здравство Филипче. Уште 6 пациенти во Скопје се со маски за кислород како помош во дишењето.
Најмладиот пациент во земјата заболен од коронавирус има само 2 години (има уште едно девојче од 4 години и момче од 15), а најстариот 91 година. Најголем процент од заразените (23%) се на возраст меѓу 30 и 39 години.
Филипче информираше дека откако ќе заврши формално-правната постапка, за сите заразени од коронавирусот ќе се воведе нова комбинирана терапија на база на антибиотикот “сумамед” и лекот против маларија на база на кинин, која досега покажала резултати во неколку земји во светот.
Владата одлучи делумно да го измени и да го дополни полицискиот час кој влезе во сила во неделата. Наместо до 6 часот наутро, тој ќе трае до 5 часот наутро, а ќе започнува како и претходно во 21 часот. Ова е изменето бидејќи во време на полициски час не работи ниту јавниот превоз, па се увиде дека работниците не можат на време да стасаат на работа. Но, затоа се проширува полицискиот час по старосни групи. За лицата над 67 години забраната за излегување од дома ќе започнува далеку порано, од 11 претпладне и ќе трае до 5 следното утро. А малолетниците под 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот.
Што значи полицискиот час?
Со полицискиот час не се опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои работат трета смена, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.
Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани најмногу од две лица.
За време на полицискиот час е ограничен и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека ќе може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед.
Ќе се ограничи и бројот на такси возила, а тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.
За време на полицискиот час ќе биде забрането движење и на возила од јавен превоз.
Дежурните екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).
Директорите на јавните здравствени установи треба да изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење и ќе го дистрибуираат до МВР или друго надлежно Министерство со цел изготвување специјални пропусници и легитимации за рестриктивните часови. Така МВР ќе има комплетен увид за лицата кои се движат.